Аерозагадувањето во Кичево последните неколку дена бележи алармантни показатели. Има денови кога се мерат и по 670 микрограми ПМ 10 честички, што е опасно по здравјето за децата, хронично болните и старите лица.
Највисоките бројки се бележат во периодите кога затоплувањето на домовите е најинтензивно, а тоа е во попладневните и вечерните часови, па дури и во ноќта, кога поради ниските температури граѓаните не ги гасат печките. Од примарното здравство и пулмологија ги замолуваат граѓаните без потреба да не излегуваат на отворено, физичките активности да ги сведат на минимум, да не консумираат алкохол во поголеми количества и да земаат витаминизирана храна.
– Во зима во нашиот град е речиси невозможно да се живее, аерозагадувањето е толку високо што и прошетката од само половина час ни претставува проблем за здравјето. Лекарите ни препорачуваат континуирани прошетки, а како да шетаме по овој загаден воздух – се пожалија група пензионери кои денес ги сретнавме на кичевските улици.
Со зголемувањето на аерозагадувањето зголемен е бројот на пациенти кај лекарите од примарното здравство.
З.А.