фото: Зоран Антоски

По многу години и децении, поради пандемија со ковид-19 годинава не се случи традиционалната прослава на Водици во кичевските села и градот.

Околу 150 селски кумови годинава нема со котлето со осветена вода, крстот и босилокот, да ги посетат семејствата од својот крст и да ги благословат со желба за добро здравје, среќа и бериќет.

Водичарските домови изградени специјално за оваа прилика, нема да бидат собиралиште за селаните и нивни гости, а годинава ќе апстинираат и музичките оркестри задолжени за добро расположение на водичарите.

Традиција е на прославата на Водици во повеќето села да се враќаат и некогашните жители, за уште еднаш да се потсетат на традицијата на одбележување на овој верски празник, кој побуди голем интерес и кај научната фела, бидејќи во овој регион изминатите години водичарските традиции ги проучуваа и професори од еминентни универзитети од Полска, Унгарија и од други земји.

Годинава поради пандемијата драстично се намалуваат активностите за Водици, сепак во кичевскиот храм се одржа празнична литургија и Богојавленски водосвет, но немаше положување на крстот во градскиот базен.

– По повод големиот празник Богојавление, со почеток во 7.30 часот беше отслужена празнична литургија и извршен Богојавленски водосвет, но поради горенаведените причини тоа се случи во храмот, што значи дека изостана положување на светиот крст во градскиот базен. Истото се случи и во храмовите во селата Другово, Цер, Белица и Прострање, каде традиционално се богослужи секоја година. Покрај храмот „Свети Петар и Павле“ на 20 јануари богослужба ќе има и во село Ехловец – истакна отец Александар Крстаноски, свештеник од кичевското архиерејско намесништво.

За целосно да не се прескокнат водичарските свечености, во поголем број села во скромна варијанта и без групирање на повеќе лица, се изврши одбележување на овој празник.

– За целосно да не ја прекинеме традицијата за Водици поради коронавирусот, во нашето село утринава ја посетиме црквата „Пресвета Богородица“, каде запаливме свеќи и се помоливме за здравје. Немаше традиционалното примопредавање на крстот, бидејќи тоа ќе се изврши наредната година, кога кумовите кои биле на ред за годинава, ќе го преземат кумството следната година – вели Саве Димитриески, жител на село Осломеј.

– Со слична содржина и без собирање на жителите на селото за Водици, празникот Богојавление беше одбележан и во село Лавчани, каде изостана традиционалното примопредавање на кумството на 17–те кумови кај селските чешми со дрвени корита, што буди голем интерес и кај лица кои не се родом од нашето село –вели Цане Ѓорѓиоски од село Лавчани.

Слични традиции за Водици се практикуваат и во Порече, Дебарца и мавровскиот регион.

З.А.