По подолго време решен е проблемот со обиколницата над Битола, кај ромската населба „Баир“.
Јавното претпријатие за државни патишта на овој магистрален пат кој води од Прилеп преку Битола за Охрид изгради заштитен ѕид со звучна изолација.
Од осум километри должина колку што е оваа делница, поставени се звучни и заштитни бариери на нешто повеќе од еден километар, колку што била проценката во проектот на ЈП за државни патишта.
На овој начин ќе се овозможи поголема безбедност на жителите во населбата Баир, а воедно со неговата изградба жителите од оваа населба ќе бидат спречени да фрлаат ѓубре и смет на самиот пат.
Жителите кои живеат во непосредна близина на обиколницата, секојднево минуваа по овој дел од патот, а децата играа на самиот пат со што го доведуваа својот живот во опасност, бидејќи на овој пат се вози со голема брзина, поради што во повеќе наврати се случуваа сообраќајни несреќи.
Делницата каде што се поствуваат звучните бариери е од почетокот на мостот до влезот на тунелот, со што ќе се спречи минувањето на пешаците. Освен безбедност, ќе има и помала бучава од возилата, а бариерите се од бетон и гума.
– За поголема безбедност во сообраќајот, посебно за жителите кои живеат во близина на Обиколницата над Битола, во должина од еден километар се прават звучни бариери од најнов тип, еколошки, колоритни. Покрај основната функција има и естетика, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов. М.М.