ГЕВГЕЛИЈА
Општинскиот штаб за заштита и спасување на општината Гевгелија, на последната седница, беше информиран за епидемиолошката состојба во општината, како и за најновите мерки на Владата во врска со забраната за организација и одржување прослави на јавни места и површини по повод новогодишните и верските празници. Притоа, општинскиот штаб за заштита и спасување констатира дека епидемиолошката состојба е стабилна.
Трендот на новозаболените од ковид-19 е во пораст, но затоа, пак, рапидно е зголемен бројот на оздравени пациенти. Општина Гевгелија има најниска смртност од ковид-19 во споредба со другите општини во Македонија, што несомнено зборува дека лекувањето на пациентите во здравствениот систем во општината е на највисоко ниво.
– Меѓутоа, во пресрет на претстојните новогодишни и божиќни празници, беше укажано на опасноста од зголемување на бројот на заразените доколку не се почитуваат донесените заштитни мерки. Затоа, општинскиот штаб им препорачува на граѓаните, правните субјекти и верските заедници доследно да ги применуваат заклучоците на Владата од 30-та седница што се однесуваат на организација и одржување каков било друг тип прослави на отворен и затворен простор од страна на физички и правни лица или работни организации во нив – велат во Општината.
Општинскиот штаб бара од надлежните државни и општински органи да ја засилат контролата за примената на новите мерки за забрана на прослави, ограниченото работно време на угостителските објекти до 18 часот, како и другите мерки и препораки за заштита од коронавирусот.
– Особено да се засили контролата во туристичките населби Смрдлива Вода, Хума и Конско, во врска со препораката за избегнување организација и учество на граѓаните во прослави пред претстојните новогодишни и верски празници во викенд-куќите, како и издавање на викенд-куќите за оваа намена. Општинскиот штаб беше информиран дека надлежните државни органи се договараат за активностите околу мерките што ќе бидат преземени за издавање викенд-куќички и организирање групни прослави во затворен простор, кои ќе бидат рестриктивни. Оттука и предупредувањето до граѓаните доследно да се придржуваат на мерките и да ги одбегнуваат групните прослави на отворен и затворен простор – информираат во општината.
Општинскиот штаб апелира до родителите, образовните институции и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа да се избегнува од страна на малолетните лица организирање заеднички новогодишен пречек, поради најавите од организирање вакви прослави. Договорено е да се организира средба со претставници на гевгелиското архијерејско намесништво за препораката за избегнување и воздржување од организирање верски обреди.