Клавирот поставен на кружниот тек се распаѓа

Битола

Клавирот што пред четири години беше поставен на кружниот тек на улицата Васко Карангелевски и кој требаше да претставува симбол на Битола како град на клавирите, најверојатно ќе биде отстранет од тоа место.
Клавирот што беше поставен во мандатот на бившиот градоначалник Владимир Талески не само што е „раштиман“ туку целосно се распаѓа. Според информации од ЈП „Комуналец“, кое се грижи за одржувањето на зеленилото на кружниот тек, наскоро клавирот ќе биде отстранет од таа локација, бидејќи едноставно си ја „отсвири“ својата мелодија. Битолчани се прашуваат дали со неговото отстранување новата локална самоуправа се откажува од епитетот Битола град на клавирите или, пак, тој си го „отсвири“ своето.