ГЕВГЕЛИЈА

На 15 октомври оваа година, Гевгелија доби нова станица за мерење на квалитетот на воздухот со проект на Европската Унија од 970 илјади евра, кој во земјава го имплементираа Цeнтарот за климатски промени од Гевгелија и Министерството за животна средина.
Првичните информации добиени од мерната станица покажуваат дека наспроти очекувањата, загаденост на воздухот во Гевгелија со ПМ 2,5 и ПМ 10 честички постои. Така, во текот на вчерашниот ден мерната станица покажа двојно повисока концентрација на ПМ 2,5 честички во воздухот (69,83 мг на кубен метар) и на ПМ 10 честички во воздухот (94,73 мг на кубен метар). Инаку, граничната вредност на ПМ 2,5 честичките е 25 мг на кубен метар, а на ПМ 10 е 50 мг на кубен метар.
Одговарајќи на советничко прашање, на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, токму за овие податоци од мониторинг-станицата, градоначалникот Сашо Поцков кажа дека и тој бил изненаден, во негативна смисла, од ваквите мерења, бидејќи досега се сметаше дека гевгеличани дишат квалитетен воздух.

Причината за присуството на ПМ-честичките, 2,5 и 10, во воздухот, тој го гледа во фактот што на оддалеченост од 200 до 300 метри околу станицата има три големи казани за варење ракија, а граѓаните тешко ги менуваат навиките и продолжуваат наместо надвор од градот да варат ракија во своите дворови. Притоа тој најави поголемо присуство на инспекциските служби на терен за превенирање на оваа појава.
Од Министерството за животна средина, пак, првично сметаат дека сепак причина што во некои денови се зголемува присуството на ПМ-честичките е што поголем број гевгеличани ги загреваат нивните домови со горење огревно дрво. Бидејќи оваа мониторинг-станица во Гевгелија е поврзана со националниот софтвер и со мониторинг-мрежата за следење на квалитетот на воздухот со која управува Министерството за животна средина, останува во наредниот период да се лоцираат конкретните загадувачи и да се предложат мерки за сузбивање на загадувањето. Љ.А.