Во општина Новаци денеска почна новата учебна година каде што во сите подрачни училишта наставата ќе се одвива со физичко присуство на учениците. Вкупно 24 првачиња од општина Новаци за првпат седнаа во училишните клупи и го почнаа образовниот процес.
Градоначалникот Љубе Кузманоски на првиот училишен ден на најмалите, првачињата, им посака топло добредојде и успешна учебна година со многу знаења и предизвици.
– На сите 24 првачиња од општина Новаци, училишниот кадар и останатите ученици им посакувам успешен старт на новата учебна година. Први септември не е било кој и
било каков ден. Први септември е ден кога се прави првиот и најважен чекор во животот кој отвора нови поглавја, можности и перспективи. Како локална самоуправа интензивно инвестираме во развојот на образовниот систем, создавањето на здрави навики и јакнењето на спортскиот дух. И за оваа учебна година за сите 24 првачиња општина Новаци ќе обезбеди еднократна финансиска помош во висина од по 5.000 денари за секое прваче, таблети за учениците од 4-то одделение, 10 лаптопи за наставниците од одделенска нстава, пет ТВ-приемници и ЛЦД проектори за потребите на сите подрачни училишта – истакна градоначалникот Кузманоски. М.М.