Иако меѓу Македонија и Русија растојанието е големо, сепак низ вековите наназад голем број патници и намерници од Русија го посетувале Прилеп и патем оставале пишани траги како ги виделе градот, неговата традиција, култура, јазик. Во записите неколкумина автори го опишале Прилеп со сите негови убавини и мани, а забелешки оставиле за пазарот и за значајните културно-историски споменици, особено за манастирите „Свети Архангел Михаил“ и Трескавец. Најмногу записи за Прилеп, за панаѓурот и за манастирите оставил дипломатот Хитрово, кој бил руски конзул, а свои впечатоци забележале и архимандритот Антонин и професорот по руска дијалектологија Афанасиј Матвеевич Селишчев…

ПРИЛЕП ВО ЗАПИСИТЕ НА РУСКИТЕ ДИПЛОМАТИ И АВТОРИ (2)

Конзулот Хитрово во својот запис го опишува патот кон Варош, велејќи дека во него живеат трудољубиви, работни луѓе. Запишал дека имало околу двеилјадно словенско население, кое било верно на своите традиции.
„Се почувствував тажен кога ги видов разурнатите православни храмови што го краселе Варош. Некогаш тука имало 70 цркви, а во тој момент само три функционирале и во нив имало богослужба и тоа не постојано, туку само за празници. Народот со почит гледа кон црквите, особено кон манастирот ’Св. Архангел Михаил‘. Над овој манастир се надвисуваа гранитни карпи. Околу него како да имаше див мир. Над манастирот, вертикално како воздушна градба се извисуваат запчестите ѕидови на стариот замок. На влезот на манастирот нѐ пречекаа варошкиот старешина, манастирските натстојници и свештеникот. Манастирот беше изграден на стариот разрушен дел. Некои делови сѐ уште не беа доградени. Целиот манастир се состои од црква и мал конак за свештениците и за верниците. Над манастирските врати има убава градба за ѕвоно. Храмот не е голем, но е светол и убав. Се разликува од другите цркви по убавината, височината и чардакот. При влезот на црквата на ѕидовите се насликани од едната страна Волкашин, а од другата Крали Марко. Живописот е убав, насликан од домашен уметник, кој разбрав дека бил убиен од разбојници. Затоа иконостасот останал недовршен.“

Во својот подолг запис за варошкиот дел Хитрово ги изнел своите впечатоци за Марковите кули. Вели дека качувањето дотаму за него било напорно, но имал што да види: „Ѕидовите на замокот се влечат во неколку редови по нерамниот предел, спуштајќи се и во длабина или искачувајќи се кон врвот. Ѕидовите соѕидани со ситни цигли сврзуваат неколку кули со разни форми и големини. Целиот врв е исполнет со урнатини. Во самата средина, осамена како конус се издигнуваше градба во урнатина, сплотена со ѕидовите со скриени влезови под земјата. Сите урнатини се добро сочувани и може да се состави план за ова древна крепост. Гледајќи кон овие карпи, човек може само да се запраша како луѓето тогаш носеле цигли по планината. Внатрешноста е совршен лавиринт од скриени ходници, ѕидови и кули, залепени до карпите, при што висат над бездната. Овие градби носат белег на средновековна воена архитектура. Многу легенди и преданија слушнав поврзани со замокот на Крали Марко. Постои верување дека секоја ноќ меѓу урнатините се разлева ’ржењето на коњот Шарец, саканиот коњ на Марко‘. Се вели дека секоја ноќ невиден коњаник го чисти коњот и го храни со просо. Како доказ населението го наведува присуството на просото во една од кулите на замокот“.

Посебно место во записите, Хитрово оставил за манастирот Трескавец, за кој вели дека се наоѓа на рамнина што се простира на врвот. Опишувајќи ја црквата тој вели:
,,Влеговме во црквата. По завршувањето на службата игуменот ме внесе во олтарот и ми укажа на евангелието што лежеше на престолот, обвиткано во платно и украсено со масивно сребро и драги камења. Ја отворив светата книга и на првата страна прочитав, цитирам: ’Во слова на човекољубивиот еден единствен Бог, татко и син и светиот Дух‘. Беше печатен во печатница во Царска Москва, по наредба на царот и големиот кнез Петар во летото 1703 година. Манастирскиот двор е на удолница. Влезовите се исечени во скалите. Него го опкружуваат манастирските згради, чии прозорци и врати се свртени навнатре кон широката галерија, така што манастирот однадвор личи на тврдина. Над вратата има четириаголен ѕвонарник со ѕвона и со крст. Во средината на дворот има стар петаголен храм со византиска архитектура. Изграден е од ситни цигли со убаво распоредени редови. Покривот и куполата се покриени со ситни ќерамиди, кои потемнеле од времето и имаат мов. Однадвор на ѕидот нема мов. Во полукружниот влез во источниот ѕид се наоѓа олтарот.

Надворешната врата е мала и ниска, а внатрешноста е вкопана во земјата. Ѕидовите се долги и тесни, покриени со живопис, при што се претставени Страшниот суд и Пеколот. Средниот дел е во вид на крст. Сводовите на куполата се потпираат на четири столба, одозгора насликани со живопис веројатно обновен подоцна. По страните има два оддела. Целата внатрешност е темна. Во нишата над аркадата е живописана иконата на Мајка Богородица. Во ризницата на манастирот забележав доста ценети предмети. Речиси сите книги се руски и од времето на Петар Велики“.

(Продолжува)