Денеска пред советниците на Битола се најде најголемиот општински буџет кој го предложи градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

Тој ќе изнесува вкупно 32 милиони евра, што според хроничарите, кои ја следат работата на општината Битола е највисок досега.

Основниот буџет на Битоила изнесува околу 535 милиони денари, а заедно со дотациите од државата над 1,8 милијарди денари, или вкупниот буџет на општина Битола за 2020 година ќе изнесува 32 милиони евра.

Во оваа сума се предвидени и 2,5 милиони евра пари кои се од државата, односно ЕСМ за инвертер климите, кои во текот на следниот месец општината ќе треба да ги подели на јавниот повик кој ќе биде објавен.

Инаку во буџетот на општината Битола за наредната година ќе бидат префрлени пет милиони евра, средства кои општината Битола не успеа да ги потроши годинава и истите како вишок на приходи ќе бидат префрлени за наредната 2020 година.

Ваквата состојба опозицијата жестоко ја нападна на денешната седница истакнувајќи дека вишокот на приходи од пет милиони евра не е резултат на штедливата политика на локалната власт, или на вишок остварените приходи, туку на неспособноста и безидејноста на локалната власт да менаџира со средствата на буџетот.

М.М.