БИТОЛА

Нови тезги, ново осветлување со лед-светилки, современо партерно уредување, клупи, кафетерија и нов водовод. Сево ова ќе го сочинува новиот пазар во Битола, за чија намена почна да се расчистува просторот.
Како што велат во претпријатието „Пазари“, според проектот, во реконструираниот градски пазар ќе бидат поставени тезги-дуќани, кои ќе се затвораат од двете страни, а самите тезгаџии по работното време ќе можат да ги спуштаат ролетните и на тој начин да го затвораат дуќанот. Од другата страна на управната зграда, исто така, ќе бидат изградени павилјони што ќе бидат покриени со тезги.
Во стариот дел на пазарот ќе има кафетерија, а покрај оградата ќе бидат поставени клупи за одмор, ќе има чешма, а на средината на пазарот ќе има пешачка зона. Според директорот Владе Атанасовски, вкупната вредност на проектот изнесува 15 милиони денари, а средствата се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и Општина Битола.

– ЈП „Пазари“ заедно со Општина Битола аплицира до ИПА2-фондовите од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Проектот е со вредност од 15 милиони денари од кои 50 отсто, односно околу 6 милиони денари, ги покрива Агенцијата, а другите девет милиони денари се средства од буџетот на Општи Битола – рече тој.
За сите тезгаџии што продаваа на тој простор, а чии тезги се отстранија ќе биде обезбеден простор на друга локација и никој нема да остане без тезга.