Во рамките на проектните активности за работа со млади и обезбедување услови, како младите можат да го исполнат својот потенцијал како активни граѓани, денес во средното економско училиште „Јане Сандански“ во Битола беше организиран настан на кој учесниците имаа можност да се запознаат со локалната самоуправа и начинот на нејзино функционирање.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, ги запозна младите учесници за начинот на работа во општината, како и за постојаната отвореност на локалната самоуправа за младите ентузијасти и нивните идеи.

Петровска нагласи дека, секој добар предлог кој е во интерес на подобрување на животот во општината може да биде прифатен. Исто така, таа ги стимулираше младите луѓе на континуирано сопствено надградување, затоа што само вистинските професионалци се конкурентни и за нив постојат секогаш отворени врати за вработување како во државниот, така и во приватниот сектор.

Инаку средното економско училиште „Јане Сандански“ е едно од 10-те средни училишта вклучени во проектот „Јакнење на малцинствата и специфичните групи за промовирање на партиципативната демократија на ниво на заедницата фаза 2“, проект кој се реализира од страна на Центарот за граѓанска иницијатива – Прилеп, поддржан од Ифа/Живик програмата во склоп на Федералната канцеларија за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

М.М.