Фото: МИА

Од почетокот на 2023 година ќе се реализира проектот за реновирање на студентските домови во државава и ќе стартува со „Стив Наумов“ во Скопје, каде што условите се најлоши. Проектот вреден околу 20 милиони евра од Германската развојна банка ќе се спроведува во три фази во наредните три години. Акцискиот план на Министерството за образование и наука денеска беше претставен на средба со студенти и пратеници во Собранието.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред почетокот на средбата изјави дека очекува првата фаза за реновирање на неколку домови да почне во јануари-февруари.

– МОН веќе има добиен проект кој треба да почне што побргу. Очекувам првата фаза да биде во јануари-февруари кога е предвидено реновирање на неколку студентски домови. Акцискиот план предвидува за три години да бидат реновирани сите студентски домови во нашата земја. Проектот е вреден 20 милиони евра и ги опфаќа студентските домови: „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Гоце Делчев“, „Томе Стефановски-Сениќ“ и „Пелагонија“ во Скопје, „Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“-Битола, „Браќа Миладиновци“-Штип и „Никола Карев“ во Охрид – истакна Шаќири.

Во рамките на првата фаза, од почетокот на 2023 се очекува да стартуваат градежните работи и, според Акцискиот план, во двете наредни години ќе бидат распределени, во втора и трета фаза, студентските домови што ќе бидат реновирани.

– Има поминато три фази во одобрувањето на компанијата и е одредено што да почне да се работи, го очекуваме што побргу крајното одобрение за да почнат градежните работи. Во наредната година, според фазите, се на ред други домови и во третата година – трета фаза се последните студентски домови – додаде Шаќири.

Средбата во Парламентот, на Меѓународниот ден на студентите, ја организира собранискиот Клуб за младински прашања и политики, на барање на Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет. Покрај пратеници, присуствуваа директори на студентски домови и претставници на универзитетски студентски собранија.

Пратеничката Моника Зајкова изјави дека Клубот на млади пратеници ја иницирал средбата на барање на УСС на УКИМ со цел институциите да го слушнат гласот на студентите и да има формален документ што ќе содржи правни заклучоци со кои, како што рече, ќе ги обврзат надлежните институции да постапуваат.

– А доколку не постапуваат, да се направи надзорна расправа зошто не е постапено. На средбата што овде ја имавме во понеделникот по однос на Законот за субвенциониран студентски оброк произлезе и барањето денеска да имаме средба за да се утврди Акциски план за состојбите во студентските домови. Акцискиот план содржи конкретни рокови со кои ќе ги обврземе институциите во која фаза што треба и до кога да се преземе – додаде Зајкова.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Славчо Темелковски изјави дека на средбата преку дијалог ќе констатираат кои треба да бидат крајните датуми за реализација на Акцискиот план на МОН за подобрување на условите во студентските домови.

– Генералната слика на студентските домови е лоша, најлоша е ситуацијата во „Стив Наумов“ и затоа е приоритетен. Целта на оваа средба е да се најде решение за најголемите проблеми, на пример тоалетите во „Стив Наумов“, како и целата хигиена во тој дом. Ќе говориме за тоа како ќе се одвива реконструкцијата на домовите и би сакале да го знаеме планот за реализацијата на проектот – рече Темелковски.

По повод нивниот меѓународен ден, студентите од повеќе универзитети попладнево на марш од Владата до МОН ќе ги актуализираат своите барања: издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.