Повеќе од 300 гости од земјава и регионот, како и говорници од врвот на ИКТ-индустријата во Европа, денеска во Скопје ги вкрстија нивните знаења и вештини на темите од модернизација на дигиталната инфраструктура и телекомуникациите, па сè до спектарот на реалните можности што ги отвора вештачката интелигенција.
Според претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, „во ИТ-индустријата, која брои скоро 3 илјади компании и околу 25.000 вработени, со просечна бруто-плата од речиси 150.000 денари, минатата година индустријата во државата има остварено приходи од над 1,65 милијарди евра, што ја потврдува нејзината зрелост, стабилност и капацитет за раст.“
Во воведниот дел на конференцијата говорник беше и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој ги најави реформите кои ги работи Владата, како и насоката за развој на дигитализацијата, во која, според него, исклучително учество ќе има и приватниот ИКТ-сектор во земјава.
Темата на овогодинешната конференција Рекоде Ријалити има идеја и претставува повик да се реосмисли улогата на технологијата – не само како алатка, туку како двигател на промена, како сила што ја редефинира економијата, институциите, образованието и општеството.
На Рекоде Ријалити главни говорници денеска беа Пјетро Марини, директор за иновации на „Делтратре Иновејшн Хуб“ (Deltatre Innovation Hub), Магда Јиану од „Пало Алто Нетворкс“ (Palo Alto Networks), како и Милош Ѓурковиќ, партнер во групацијата „Амор Србија“ (Amrop Serbia).
За Комората на ИКТ-индустријата во Македонија, МАСИТ, целта за наредните три години е јасно одредена – остварување на конкретни резултати во дигитализацијата на земјата, подобрени регулативи и силни политики за поддршка на технолошкиот сектор во партнерство со институциите на државата.



































