И по 110 години од поделбата на државата, бликаат нескриени претензии од центри во соседството
Во интервал од само неколку дена истакнати политичари и интелектуалци од Србија и Албанија искажаа отворени аспирации кон Македонија. Во континуитет такви пораки доаѓаат од Бугарија и Грција, со што практично окружението се затвора, односно четирите наши соседи пак ги покажуваат забите и ги острат канџите за приграбување на тоа што остана од Македонија. Дали глобалните геополитички случувања, војната во Украина и тенденциите за преуредување на светскиот поредок се повод за ваквите случувања или, пак, причините треба да се бараат во слабостите што Македонија ги покажува во надворешната и внатрешната политика и генерално во сите сфери од своето функционирање е прашање што бара подлабока анализа. Но, како и да е, ваквите појави на отворени закани и територијални претензии кон Македонија се крајно вознемирувачки, мора внимателно да се следат и анализираат и, секако, навремено и бескомпромисно да се реагира
И по 110 години од поделбата и распарчувањето на Македонија меѓу соседните земји, со познатиот Букурешки договор од 1913 година, сеништата од минатото како повторно да оживуваат и се надвиснуваат над нашата држава, заканувајќи се со нови поделби и територијални претензии кон Македонија. Во интервал од само неколку дена истакнати политичари и интелектуалци од Србија и Албанија искажаа отворени аспирации кон Македонија. Претходно континуирано доаѓаа такви пораки од Бугарија и Грција, со што практично кругот се затвора, односно четирите наши соседи пак ги покажуваат забите и ги острат канџите за приграбување на тоа што остана од Македонија. Дали глобалните геополитички случувања, војната во Украина и тенденциите за преуредување на светскиот поредок се повод за ваквите случувања или, пак, причините треба да се бараат во слабостите што Македонија континуирано ги покажува во надворешната и внатрешната политика и генерално во сите сфери од своето функционирање е прашање што бара подлабока анализа.
Но, како и да е, ваквите појави на отворени закани и територијални претензии кон Македонија се крајно вознемирувачки, мора внимателно да се следат и анализираат и, секако, бескомпромисно и навремено да се реагира.
Ред албански (писмено), ред српски (вербално) искажани територијални аспирации
Така, пред неколку дена, по повод одбележувањето на 110-годишнината од Брегалничката битка и откривањето на обновената спомен-плоча од страна на Република Србија, официјалниот претставник на Република Србија, Зоран Антиќ, државен секретар во српската влада, во својот говор Македонија ја нарече „стара Србија“ и „јужна Србија“.
Ваквата отворена провокација и искажување територијални претензии кон нашата држава, како што пренесуваат очевидците, се случиле под знамето на Република Македонија, пред македонски војници, пред владините претставници и пред присутните претставници од локалната власт. За некои од политичарите што биле присутни на настанот ваквиот чин и провокација се грубо уривање на македонскиот суверенитет и идентитет и треба да следува и соодветна институционална реакција од македонските власти.
Но и по неколку дена од настанот, сѐ уште нема никаква реакција, протестна нота или демарш од македонска страна, впрочем како и во редица други слични случаи претходно.
А дека со големите геостратегиски превирања започнале и некои други процеси што имаат цел да го редефинираат светот во целост, што секако не ја одминува и Македонија, покажува и неодамнешната изјава на адвокатот и поранешен албански министер за правда Спартак Нѓела, кој отворено порача дека воопшто не е мртва идејата за голема Албанија и дека нејзината реализација е во тек.
– Досега, во историјата на нашето време, две албански држави – Албанија и Косово – се во целосна правна функција и во рамките на меѓународното право. Но, како што одат работите, треба да се појават како независна држава и еден милион Албанци што живеат во Македонија – пишува со својата колумна Нѓела.
Треба да се истакне дека вака искажаните ставови не се ставови на обичен коментатор, туку на поранешен министер и поранешен пратеник, кој многу добро е запознаен со сите политички процеси во регионот и затоа неговите пораки имаат и посебна тежина.
Дотолку повеќе што Нѓела јасно и отворено порачува дека сиот албански свет во Западен Балкан токму сега ја чека новата албанска република во Македонија.
– Ова ќе биде последната голема победа на Албанците против долгогодишната словенска окупација – наведува Нѓела.
Случајно или не, неодамна огромен натпис со слоганот „Ја сакам Чемерија“, напишан на англиски јазик, но со албанска лексика, осамна на неколкуметарско платно, на надвозникот кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
Според аналитичарите со кои се консултираше нашиот весник, ваквата порака може да се протолкува и како провокација, бидејќи укажува на веќе познати територијални големоалбански претензии и на облик на иредентизам.
Инаку, Чемерија постои како топоним што сонувачите на голема Албанија главно го користат како мечта и идеализација на една анахрона идеја за сеалбанско обединување.
Сите овие слогани и пораки, како и тезите на познатиот албански адвокат и поранешен висок функционер Нѓела, се само дел од низата слични ставови за територијални аспирации кон Македонија, кои се искажани во изминатиот период и од куп други албански интелектуалци или политичари и кои потврдуваат дека сонот за голема Албанија останува неизживеан.
Впрочем, исто како и сонот за голема или Санстефанска Бугарија.
Демонстрација на хегемонија, иредентизам и шовинизам, како константа од одредени бугарски радикали
Изминатиот период Македонија беше буквално бомбардирана од куп иредентистички изјави што доаѓаа од одредени високи политички кругови од Софија и во чија заднина не се кријат намерите за создавање голема Бугарија со присоединување на Македонија.
„Македонија е втората бугарска држава на Балканскиот Полуостров и партијата Преродба работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава што ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа“, пишува во програмата на бугарската партија Преродба.
Партијата Преродба, чиј лидер е Костадин Костадинов, изминатите години беше дел од законодавната власт, со силно влијание и врз извршната власт во Бугарија.
Но, покрај Костадинов, отворени територијални аспирации кон Македонија, во повеќе наврати, искажува и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
„Македонија е бугарска, а Бугарија е над сѐ“ гласеше насловот на скандалозниот предизборен спот на европратеникот Џамбаски.
Во спотот се вртат кадри од Скопје и Охрид, кои Џамбаски ги нарекува бугарски градови.
Притоа тој отворено се заканува и со поделба на Македонија:
„Ужасен и брз ќе биде вашиот крај, Македонија е бугарска“, порачува Џамбаски во својот спот.
И приказната за четирите „добри соседи“ на Македонија или, поточно, четирите гладни волци и кроткото јагне не би била комплетна доколку се изостави нашиот јужен сосед – Грција. По Преспанскиот договор, потпишан пред пет години, само навидум како да спласнаа аспирациите на Грција кон сѐ што е македонско. Но дали е баш така?
И денес, исто како и претходно, повторно се оштетуваат македонски автомобили во Грција, јужниот сосед и натаму одбива да ги ратификува трите меморандума предвидени со Преспанскиот договор, на сообраќајните знаци сѐ уште стојат навредливите написи „Скопиа“, како ознака за нашата држава, граничниот премин Маркова Нога останува затворен итн.
И додека Грција ништо не исполни од Преспанскиот договор, Македонија даде сѐ што можеше да се даде.
Со наметнување на новото име ерга омнес, односно тоа да биде и за домашна употреба; потоа целосно да се прифати елинизацијата на античката историја; да се прифати знакот на неравенство меѓу македонскиот супстрат од едната и од другата страна на државната граница со Грција; грчкото присвојување на правото на името „Македонија“, трговските марки, симболите… Грција доби буквално сè што можеше да добие. Веројатно и многу повеќе од тоа. Можеби затоа сега мудро молчат и оставаат другите да ја дозавршат веќе започнатата работа.
И да ја дотолчат (дораспарчат) Македонија.
Не смее да се спие на увото дека сме дел од НАТО и некој друг постојано ќе нѐ штити
Дипломатите и аналитичарите до кои се консултираше нашиот весник се едногласни во ставовите дека во високата политика ништо не е случајно ниту пак што било треба да ѝ се препушти на случајноста.
– Македонија мора широко да ги отвори очите, внимателно да ги следи сите случувања и пораки што стигнуваат и соодветно да реагира. Не смее да се спие на увото дека сме дел од НАТО и некој друг ќе нѐ штити. Впрочем, кога никој не веруваше дека е можна војна во Европа, се случи воената криза во Украина со далекосежни и катастрофални последици по целиот свет. Во таа насока, Македонија мора многу поактивно и подинамично да ги штити своите национални и државни интереси и остро да реагира на секаков вид провокации, искажани аспирации или територијални претензии. И не само да реагира туку да бара тоа да го осуди и целокупната меѓународна заедница. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не им прилега на земји-сојузнички во НАТО или, пак, членки на Европската Унија. Тоа е директно спротивно и на идеалите и вредностите на ЕУ – тврдат нашите соговорници.
Во целата приказна сепак не смее да се заборави ниту народната мудрост, која вели дека волкот го менува влакното, но не и карактерот. Така и македонските соседи.
Во меѓувреме, како и во приказната за волкот и јагнето, Македонија засега сѐ уште само чека и се прашува кој ли ѝ ја мати водата.
Сѐ уште болни сеќавањата од поделбата на Македонија
Букурешкиот договор беше потпишан на 10 август 1913 г., помеѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција од една страна и Бугарија од друга страна.
Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно егејскиот, со површина од 34.356 квадратни километри, го добила Грција, вардарскиот дел, со површина од 25.342 квадратни километри, го добила Србија, пиринскиот дел, со 6.798 квадратни километри, ѝ бил даден на Бугарија, а Албанија добила 1.115 квадратни километри во западниот дел.
На 1 март 1913 година, седум месеци пред потпишувањето на договорот, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков, потпишале меморандум за независност на Македонија и им го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон.
Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на какво било чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили оставиле судбината на Македонија да ја решат завојуваните балкански држави. А тие ја решиле на за нив наједноставниот и најприфатлив начин – со поделба на Македонија.