Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во изјава за медиумите денеска побара ветото за Македонија да остане сè додeка не се формира ново парламентарно мнозинство во Бугарија, пренесува БНТ.
Радев посочи дека политичката криза во земјата е факт, како и тоа дека додека партиите бараат формирање на владејачко мнозинство, задача на Владата е да обезбеди и социјални плаќања и поддршка за бизнис секторот.
Тој исто така додаде и дека е важно ветото за Македонија да опстои во согласност со усвоената рамка на консултативниот совет за национална безбедност.
– Политичката криза е факт. Но, за разлика од претходните кризи, оваа се одвива во услови на прогресивна инфлација, социјална, економска и прехранбена криза предизвикана од војната во Украина. Партиите застапени во парламентот мора што поскоро да најдат излез од ситуацијата, бидејќи ни треба одговорно и одржливо владеење. Додека партиите бараат формирање на владејачко мнозинство, Владата мора да обезбеди социјални плаќања и поддршка на бизнисот. Ветото за Северна Македонија да остане во согласност со рамката усвоена на консултативниот совет за национална безбедност и да се обезбеди функционалност на државата – изјави Радев.