Фото: Александар Николоски/Фејсбук

Пуштена е во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д, се скратува времето за патување. Од денеска, отворена е за сообраќај и оваа делница.

Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој). На пуштањето денеска присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.

На настанот беше кажано дека се успеа да се заврши и пушти во употреба, по неполни 6 месеци откако на почетокот на годинава, беше пуштена првата делница Градско-Дреново. Всушност, се довршија градежните работи за изградбата на делницата Фариш-Дреново од експресниот пат А1 и се доби целина од 26 километри експресен пат во Коридорот 10д со кој се скратува на времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен и понатаму.

– Го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш – Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра – проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин. Овој пат е од витално значење и за Кавадарци, Прилеп, Битола и за Ресен. Овие пари, не завршија, како во минатото, во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери, фиктивни договори. Туку се тука, пред вас, во асфалтот, во оваа делница, во реални, опипливи дела- истакна Мицкоски.

Дојде време, рече тој, кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот.

– Дојде време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен. Дојде време кога парите од граѓаните – се враќаат назад кај граѓаните, преку проекти, патишта, училишта, фабрики. Македонија се гради – чекор по чекор, делница по делница, проект по проект. Со чесна работа, домаќинска политика и партнерства како ова со ЕБОР – ја менуваме државата од темел- нагласи тој.

Притоа подвлече дека овој пат, Фариш – Дреново, не е само пат – тој е порака.

– Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака – се може и доказ дека Македонија не е осудена на застој, туку е на патот на напредокот. Граѓаните имаат очекувања и ние нема да ги изневериме. Кога велиме „Ги градиме темелите на промените“, тоа не се празни зборови. Тоа се патишта како овој, тоа се училиштата кои ги обновуваме, болниците што ги реконструираме. Тоа е новата економија, новата индустрија, новите работни места што ги отвораме и тоа е новото време – време на одговорност, време на изградба. Доаѓа времето на Македонија, време на чесна власт, јасна визија и видливи резултати- посочи Мицкоски.

Тој посака среќа за сите, делницата да им служи на сите, долги години.

Директорот Трајановски, рече дека ова е значаен момент. Тој потсети дека патот бил започнат во 2016 година, во февруари месец. Тој се осврна на недоволната активност и раскинатиот договор, па во јуни 2021 година бил потпишан нов договор. Имало пролонгирање, па сега патот е завршен. Директорот приговори и за работите што биле завршени откако дошол на функцијата. Притоа рече дека ова било еден од најопасните патишта во Република Македонија зашто поминува низ Дреновска клисура.

– Опасен бил и во турско време, тука загинал и војводата Пере Тошев- рече Трајановски.

Овој пат, додаде дека е многу важен за пелагонискиот регион и општо за Република Македонија.

– Со изградбата на овој пат, ќе се зголеми развојот на овој регион, ќе се зголеми туризмот, земјоделството, мислам дека ќе се намали и иселувањето, со оглед на тоа што од Прилеп за Скопје, ќе се патува за скоро помалку од еден час. Ќе се вози по безбеден и модерен пат- истакна Трајановски.

Тој додаде дека ова е петти автопат, експресен пат или пат, што се пушта во употреба од оваа Влада. Притоа нагласи дека брзо ќе почне и постапка за изградба на трета лента од каменоломот под Маврово па се до Беловодица, а исто така преговарале и за изградба на експресен пат што ќе води до Прилеп, со тунел на Плетвар.

Истакна благодарност до сите инволвирани во овој проект, вклучително од 2016 година, досега.

Пуштена е во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д, се скратува времето за патување. Од денеска, отворена е за сообраќај и оваа делница.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски рече дека им честита на сите оние коишто беа вклучени во реализацијата на „можеби втората најтешка делница од сите оние што ги работиме во моментов“

-Тунелите позади нас и планината позади нив беа навистина голем предизвик. Буквално, планина се помести за да се изведи овој експресен пат и да е безбеден, што е многу значајно. Замислете Владата претходно не помислила дека ако цела, не карпа, туку планина, виси над патот, дека е возможно, можеби во дадени временски услови, не дај Боже, истата да се сруши и на патот. И затоа на крајот на минатата година заедно со премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем и еве го денес решен, ќе можете да го извозите овој пат и позади овие тунели да видите дека веќе таа планина не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбеден начин за комуникација. Начин за комуникација што ќе значи од Скопје до Прилеп да се доаѓа некаде за час и 15, час и 20 минути, од Скопје до Битола да се патува некаде за час и четириесетина минути, а секако по реализацијата на автопатот Прилеп – Битола, што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко- подвлече Николоски.