Фото: Тимчо Муцунски/Официјален фејсбук профил

Државата не се брани со зборови. Се брани со сојузници, опрема и знаење. Заедничките вредности не се декларираат – се штитат и се живеат, наведува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во видео обраќањето објавено на социјалните мрежи, во кое зборува за важноста и придобивките од безбедносното партнерство со Европската Унија, при што ја потенцираше важноста што нашата држава е прва од регионот што потпиша вакво партнерство со ЕУ.

Тој нагласува дека преку ова партнерство државата добива 15 милиони евра поддршка за Армијата, модерна опрема, обука, комуникациски системи и отпорност на нови закани, и дека ова е само почеток.

– Кон што целиме? Посилна армија. Вистинска безбедност и сигурност за граѓаните. Европска интеграција што не е само збор, туку реалност. Ова не е симболика – ова е стратегија што ја живееме. Со дела – порачува Муцунски во видеото.

Минатата година државата потпиша Договор за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, со што е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ во Брисел го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.