Mакедонските организации во Бугарија реагираат за Протоколот меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 17 јули 2022.
Протоколот, велат, не е реципрочен, ниту е рамноправен. Не ги штити интересите ниту на македонското малцинство, ниту на македонската нација, ниту на Република Македонија.
Реакцијата ја пренесуваме интегрално:
„Протоколот не е реципрочен, ниту е рамноправен. Не ги штити интересите ниту на македонското малцинство, ниту на македонската нација, ниту на Република Македонија.
1. Содржи клаузули кои се обврзувачки за македонската страна без реципрочни такви за бугарската, како промената на два конкретни македонски учебници, без ниту еден конкретен бугарски учебник.
2. Содржи клаузули за отворање досиеја и за репресирани лица во време на комунизмот, но поново само за македонска страна, како од бугарска сѐ да е направено. Но тоа не е вистина. Македонците кои лежеле со години во бугарски затвори затоа што се Македонци и до денес не се рехабилитирани, Бугарија дури и не го признава нивното постоење, а дури и не дозволува истите да си регистрираат организација за да ги заштитат своите интереси, без разлика што за тоа се осудени во Стразбур.
3. Дури и формално реципрочните клаузули, земајќи ја во предвид како надмоќната и агресивна бугарска позиција во преговорите, така и генерално пасивната и насочена кон компромиси и избегнување конфликт по секоја цена линија на македонските влади – неизбежно ќе резултира во наметнување промени и обврски само за македонската страна или во најдобриот случај нереципрочни промени и како количество и како квалитет. Тоа ќе доведе до наметнување промени кои ќе задираат директно во македонскиот идентитет и ни најмалку не би го допреле бугарскиот антимакедонски национализам.
4. Протоколот има клаузули за заштита правата на Бугарите во Македонија, но не и за Македонците во Бугарија. Официјалните оправдувања, дека тоа било зашто бугарскиот уставен систем не оставал таква можност се чиста манипулација. Да се стават истите текстови за Македонците во Бугарија како и за Бугарите во Македонија не бара Уставни измени, тие се за заштита и казнување говор на омраза, зголемување довербата во системот, осигурување ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот. Прашува ме зашто правата на Македонците во Бугарија не се заштитени на нивото кое е дадено во Бугарија на Турците, Ромите, Евреите и сл.? Каква Уставна пречка и оправдување има македонската влада по тоа прашање? Зашто за Македонците нема ништо? Зашто единствениот начин на кој сме спомнати индиректно е гаранцијата од македонска страна дека нема да се грижи за правата на лица во Бугарија кои не се македонски државјани, т.е. нас?
5. Согласноста дадена од македонска страна за промена на „учебникот по географија за 7 одделение, заради неосновани етнички/територијални претензии“ спрема Бугарија, несомнено се однесува на фактот дека во Пиринска Македонија, во Бугарија живее дел од македонскиот народ. Фактот што македонска страна се согласила дека тоа претставува „неоснована … етничка претензија“ претставува директно откажување од македонското малцинство во Бугарија не само правно и политички, но и во историски план.
Тажната вистина е дека не уставниот поредок на Бугарија им смета на македонските власти за да го подигнат прашањето за Македонците во Бугарија. Тие досега и никогаш го немаат подигнато затоа што не сакаат и не се интересираат. На македонското малцинство во Бугарија од времето на Тито се гледа како на непријатен проблем, кој ги расипува односите со Бугарија. Многу македонски политичари би биле посреќни дури и од бугарските свои колеги, ако утре нас не снема. Македонците се единственото малцинство во Европа, кое иако формално не му припаѓа на бездржавен народ, де факто е без држава која да се грижи за него или да го заштитува.
ОМО „Илинден“-ПИРИН,
ОМО „Илинден“,
Друштво на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор,
Антички Македонци,
Правозаштитен комитет „Толерантност“,
Македонски дискусионен клуб за етничка Толеранција“