Фото: Принтскрин

Стотици струмичани денеска излегоа на протест против последната владина одлука за спојување на концесиите на рудникот „Иловица-Штука“. Тие побараа итно и неодложно одземање на, како што рекоа, „криминално споената концесија“ за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии.

„Среќно семејство или рудник на смртта“ и „ Штука нема да отстапи ниту педа земја за убијците“ беа дел од транспарентите на демонстрантите кои рудникот го нарекоа „рудник на смртта“.
Од импровизирана бина, актерката и активистка Оливера Аризанова-Мансбарт ја нарече „срамна“ одлуката на владата за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука, Стојан Велков, активист од „Здрава Котлина“, посочи дека се собрани за да се борат на секое ниво, од општинските совети, па се до највисоките државни инстанци

Протестот се организира по информацијата дека Владата донела одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден, кои се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Одлуката е веќе објавена во Службен весник, а потенцијалната концесија ќе трае до 2042 година. Со објавата повторно се отвори пат да се почне со експлоатација на бакар и злато од струмичката околина. Еколошките активисти сметаат дека ова значи „отворена врата “ за изградба на рудникот Иловица-Штука, откако Управниот суд ја уважил жалбата на канадската компанија „Еуромакс“. Тие тврдат дека струмичката котлина која е една од најголемите производители на земјоделски производи е во опасност да создава отруен зеленчук поради рудникот со отворен коп.

Во следната фаза „Еуромакс Ресорсис“ би требало да поднесе барање за експлоатација на злато и бакар до Министерство за економија. Од Министерството за економија велат дека евентуалното непостапување на пресудата од Управниот суд може да резултира со нови судски постапки, кои ќе имаат сериозна штета на буџетот преку можни арбитражни постапки пред меѓународни судови. И додека од министерството тврдат дека нема да дозволи отворање на рудник во Иловица без консултација со граѓаните, тамошните жители веќе долги години опстојуваат на ставот дека рудник во тој регион не смее да има.

Струмичани денеска побараа и разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд, поради, како што се вели во соопштението на организаторот на денешниот протести невладината организација „Здрава Котлина“, тендециозна погрешна примена на законите и постапките, како и поради носење дијаметрално различни пресуди во зависност од моментот.

Според соопштението од организаторот, кулминацијата била во последната пресуда за враќање на концесијата, што е различна од сите претходни 11 пресуди во, како што велат “ пинг-понг процесите изминатите 4 години, а е директно поврзана со влезот на НД Груп со 25% удел во Еуромакс Ресурси“.

Според „Здрава котлина“, доказ за вмешаност на владејачката ДУИ се и документите од кои се гледа дека „еден од судиите кои носи одлуки за „Иловица – Штука“ во Вишиот управен суд е и Субхи Јакупи, кој е и поранешен член на Државната изборна комисија и заменик министер за правда од ДУИ“.

Демонстрантите бараат и одговорност од надлежните министерства што биле вклучени во спојувањето на концесиите.

Пред неколку денови, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини владејачкиот СДСМ за носење одлука по наредба на ДУИ.