Фото: МНРиНТ

Политиката на проширување е стратешки важна за релевантноста и иднината на Европската Унија – порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во обраќањето на меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025, што се одржува во главниот град на Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.

Како што соопшти МНРиНТ, во своето воведно обраќање на конференцијата, Муцунски ја нагласил потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Притоа, истакнал дека посилна и покоординирана Европска Унија, во партнерство со стабилна трансатлантска врска, претставува суштински предуслов за справување со надворешните предизвици и зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.

Посебен акцент во обраќањето бил ставен на политиката на проширување, која министерот Муцунски ја оценил како стратешки важна за релевантноста и иднината на Европската Унија. Тој подвлекол дека нашата држава и земјите од Западен Балкан се составен дел од европската безбедносна и економска архитектура, како и од напорите за зголемување на конкурентноста и иновативноста на Унијата.

-Европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво како геополитички избор, туку како заедничка стратешка потреба и одговорност – истакна министерот Муцунски.

Во своето излагање тој подвлекол дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, но посочил дека постојат линии што нема да бидат преминати – затоа што, како што нагласил, тие ја определуваат суштината на нашиот национален идентитет.

-Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме – без услови, без извинување, без бришење – истакнал Муцунски.

Тој додал дека ова не е став на инает, туку на самопочит, потенцирајќи дека иднината во Европа мора да се гради врз взаемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи, стои во соопштението на Министерството.