Фото: Игор Бансколиев

Во средата, Европската комисија препорача отворање на официјалните пристапни преговори со Украина и Молдавија. Ова претставува голем гест на поддршка за Киев додека се бори со Русија. Комисијата исто така ѝ даде кандидатски статус на Грузија и ќе ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина (БиХ) откако ќе се исполнат условите. Но каде се овде останатите земји од Западен Балкан?

Корупција на највисоко ниво. Недостатоци во владеење на правото и проблематично постапување со националните малцинства: на почетокот од 2022 година, сè уште се чинеше незамисливо дека Украина ќе стане сериозен кандидат за членство во ЕУ во блиска иднина. Добри 20 месеци по почетокот на руската агресија врз оваа источноевропска земја, таа се наоѓа во поинаква ситуација, пишува МИА.

Европската комисија го претстави извештајот што се очекуваше со нетрпение околу напредокот на земјите-аспиранти за членство во ЕУ. Извештајот утврди дека Украина е подготвена да преговара имајќи ги во предвид реформите што ги спроведе и покрај континуираните борби против инвазијата на Русија. Според извештајот, Украина заврши четири од седумте приоритетни реформи што ѝ беа поставени.

„Денес е историски ден,“ рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и додаде дека препораката доаѓа десет години по мајданските протести во Украина, „каде се пукаше на луѓето затоа што беа обвиени со европското знаме“.

Позитивниот сигнал од ЕУ ѝ дава неопходен поттик на Украина во тешки времиња, кога нејзините сили не успеваат да направат пробив a вниманието на Западот е свртено кон превирањата на Блискиот исток.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката како „вистински чекор“ за Европа. „Нашата држава мора да биде дел од Европската унија. Украинците заслужуваат и заради одбраната на европските вредности и заради фактот дека дури и во време на војна, ние се држиме до зборот,“ напиша Зеленски во онлајн пост.

Украина поднесе кандидатура за членство во Европската унија веднаш по инвазијата на Москва во февруари 2022 година, и официјално стана кандидат за членство во јуни истата година.

Лидерите на 27те земји-членки на ЕУ треба да ги одобрат препораките на самит во декември. Фон дер Лајен изјави дека Украина и Молдавија треба да спроведат дополнителни реформи пред да се даде официјален датум за почеток на преговорите. Таа рече дека Комисијата ќе објави ажуриран извештај околу напредокот во март 2024 година. Дури и ако Украина ги започне преговорите, тоа ќе биде само почеток на напорен процес на реформи што би можеле да траат со години – ако не и децении – пред да се приклучи на блокот.

Покрај барањето за напредок на Украина и Молдавија, Брисел исто така предлага земјите-членки да ѝ дадат кандидатски статус на Грузија. Поранешните советски републики Молдавија и Грузија поднесоа апликации за членство во исто време со Украина.

А што е со Западен Балкан?

Војната во Украина вдахна нов живот во застоените напори на ЕУ да прими нови членки, додека блокот сака да ги држи настрана влијанијата на Русија и Кина. Комисијата за првпат даде извештај за секоја земја-аспирант, десет на број. Имено, Турција, Грузија, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, плус Украина и Молдавија.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон тврдеше дека проширувањето со Западниот Балкан и Истокот не е само во интерес на ЕУ и новите членки, туку и геостратешки императив. „Европа ќе биде уште постабилна, безбедна и просперитетна кога ќе заврши проширувањето,“ рече таа.

Турција ги започна преговорите за членство во 2005 година, но истите се во ќорсокак. Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се исто така заглавени во преговорите. Босна и Херцеговина може само да се надева на почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Отворени врати за Босна

Босна и Херцеговина (БиХ) не го доби чистиот печат на одобрување и не успеа да добие јасна поддршка за преговори откако ќе стане кандидат за членство во ЕУ во декември. Комисијата препорачува отворање на преговори „откако ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство“.

Сепак, на препораката за Босна и Херцеговина се гледа како важен политички сигнал. „Широко ја отвораме вратата и ја поканување Босна,“ изјави фон дер Лајен. „Е сега, за да се помине низ таа врата, секако Босна треба да биде активна“.

Во извештајот се вели дека БиХ напредувала во однос на политичките критериуми, бидејќи беше формирана функционална влада релативно брзо по изборите одржани во 2022 година. Таа почна да дава резултати во однос на реформите, вклучително и преку јакнење на правната сигурност. Сепак, постапките на властите во ентитетот Република Српска што го поткопуваат уставниот поредок на земјата се сметаат за проблем.

Пораката од Брисел беше пречекана со различни реакции во земјата, од оптимизам до разочарување. Претседавачот на Советот на министри, Борјана Кришто, изјави дека БиХ сè уште има можност да направи забрзан напредок кон членство во ЕУ. „Ова претставува значаен и силен поттик за сите нас во БиХ, за институциите да работат побрзо, подобро и повеќе за исполнување на критериумите и приоритетите,“ рече Кришто. Претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, изјави „Сега сè зависи од нас!“

„Очекувавме неусловена препорака за отворање на преговорите и зелено светло, без разлика на сите неизвесности поврзани со иднината на ЕУ и проширувањето, за да почнеме со вистинска работа за организирање и спроведување на преговори,“ напиша претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Словенечкиот член на Европската комисија, комесарот за кризен менаџмент Јанез Ленарчич, изјави дека откако го доби кандидатскиот статус минатата година, Босна покажа „досега најголемо забрзување во процесот на реформи“. Тој е уверен дека земјата може брзо да го

достигне нивото на усогласеност со клучните приоритети што се потребни за почеток на преговорите, одлука што ќе ја донесе Комисијата во март следната година.

Македонија „да го забрза темпото на реформи поврзани со ЕУ“

Во средата, комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји ја повика Македонија да го забрза „темпото на реформи поврзани со ЕУ“, сега кога „процесот на пристапните преговори веќе почна“.

Според комесарот Вархеји, загриженост предизвикаа некои измени во Кривичниот законик што се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво. „Зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и справувањето со корупцијата, вклучително и преку солидни истраги, гонење и конечни пресуди за случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење,“ рече Вархеји. Во однос на скрининг процесот, комесарот посочи дека тој напредува непречено и дека властите на земјата покажале високо ниво на посветеност во неговата реализација, исто така и кога се работи за соодветните уставни измени.

Во поглед на односите на Бугарија со Северна Македонија, бугарскиот премиер Николај Денков изјави во текот на самитот на Европската политичка заедница во Гранада во октомври: „Нашиот став нема да се промени. Доколку тие [Северна Македонија] го сменат нивниот устав, тоа ќе ја отвори вратата за нив“. Тој зборуваше за инсистирањето на Софија да се вметне бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија како предуслов за кревање на ветото за почетокот на преговорите за членство во ЕУ со Скопје.

Белград усвои уставни измени

Вархеји нагласи дека Србија ги усвои уставните измени поврзани со независноста на судството, медиумските закони, и ги исполни барањата за отворање на уште еден кластер. Тој рече дека Србија напредуваше во усогласување на својата надворешна политика со ЕУ, но дека непридржувањето кон санкциите против Русија претставува причина за загриженост. Тој додаде дека Белград и Приштина се охрабруваат да вложат поконструктивни напори во дијалогот и да ги спроведат договорите на кои се сложија.

„Важно е за нашата демократија секаде да се види напредок, на полето на медиумите, но особено во однос на Косово и Метохија. Ништо не е неочекувано во овој извештај, не треба да очекуваме револуционерни промени, важно е да го заземеме европскиот пат, а истовремено да ги заштитиме нашите национални интереси,“ изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Албанија успешно се движи кон интеграција во ЕУ

Урсула фон дер Лајен изјави пред почетокот на самиот на Берлинскиот процес во октомври дека Албанија успешно се движи кон интеграција во Европската унија. Претседателката на Комисијата исто така го спомена економскиот развој на земјата. „Веќе поставивме добра основа со нашиот Економски и инвестициски план вреден 30 милијарди евра. Планот носи резултати. Половина од средствата, 16 милиони евра, се веќе распределени,“ рече таа и се осврна на економиите од Западен Балкан и Европскиот единствен пазар, кои се сè уште многу

далечни. „Економиите во Западен Балкан претставуваат само 35 проценти од ЕУ просекот,“ додаде таа.

Што може да се очекува?

Имајќи го во предвид притисокот за членство на Украина и на другите аспиранти, сега е посуштинска дебатата околу тоа како да се направи ЕУ полесна за управување доколку стигне до 30 членки и повеќе.

Земји како Холандија инсистираат дека не може да има кратенки на патот до членство. Унгарија, која е најблискиот сојузник на Русија во ЕУ, го обвинува Киев за ограничување на правата на етничките унгарци.

Внесување на земја во војна, со повеќе од 40 милиони жители, би значело голема промена – и огромни трошоци – за блокот, со што некои земји што моментално добиваат фондови од ЕУ ќе станат нето придонесувачи.

Романија, на пример, сака Молдавија и Украина брзо да се приклучат на ЕУ, но тоа не значи „од денес за утре“, изјави претседателот Клаус Јоханис на прес-конференција со белгискиот премиер Александер де Кро во Белгија.

„Знаеме дека овие преговори за членство траат со години, знаеме од нашето сопствено искуство и гледаме дека тие веќе траат долго време за некои држави од Западен Балкан. Сакаме преговорите брзо да започнат. Тоа не значи членство, туку преговори и подготовка за членство,“ изјави Јоханис. „Истовремено, целосно се согласувам дека Унијата мора, од своја страна, да направи некои промени и, да го повторам она што го кажав на последниот неформален состанок на Советот во Гранада, не се само кандидатите кои мора да бидат подготвени за пристапувањето, туку и ние кои сме веќе во Европската унија треба да бидеме дополнително подготвени за ова пристапување. Потребно е да се подобрат процедурите околу преговорите и така натаму. И двете страни имаат работа,“ додаде Јоханис.

Содржината се заснова на вести од страна на агенции-учеснички во енр.

АФП, АГЕРПРЕС, АНСА, АТА, БТА, дпа, ЕФЕ, Еуропа Прес, ФЕНА, ХИНА, МИА, СТА, Танјуг