Разговор со Камелија Шојлевска, долгогодишна новинарка, документаристка и предавачка на факултетот „Штул“ во Одделот за комуникации
Билјана З. Билјановска
Камелија Шојлевска е позната во медиумските кругови како долгогодишна новинарка, водителка на програми во живо во МРТ, документаристка и предавачка на факултетот „Штул“ во Одделот за комуникации. За време на распадот на Југославија таа известува од Македонија за Си-ен-ен, Дабл ју-ар, Дабл ју-ди-ар. По образование е историчарка на уметноста со археологија, остварила специјализации во Би-би-си, Си-ен-ен, Колумбија, Мисури. Но она што е поинтересно за нас денес и овде е нејзината писателска дарба, каде што себеси се открива како извонредна познавачка на детската психа создавајќи дела пред сѐ за нив. Дали литературата што ја посветуваме на децата останува да биде само за нив или, пак, секогаш е литература од седум до 77, значи она што останува најпривлечно во творештвото на нејзиниот „визионерски пристап кон реалноста“.
Како авторка остварила осум книги за деца од циклусот „Авантурите на Саломи“ – Quantum awareness, Celestial man trilogy – подготвен и авторски курс за квантниот скок втемелен на знаењата што се користени во „Небесен човек“ (Celestial man). Во списокот на остварени дела може да се спомене и квантната поезија заедно со ЧатГПТ, во ера кога сѐ повеќе се разговара за синергијата меѓу човекот и вештачката интелигенција, и сценариото „Бисерот на Црвеното Море“ подготвено за реализација. Нејзините авторски трудови без проблем ќе се најдат на сајтовите на меѓународниот портал „Амазон“ каде што, поради неможностите да се остварува себеси како писателка во татковината, го прави неизбежниот и можеби единствено можен избор.
Најпоттикнувачката мисла за да се поведе со неа овој разговор, освен причините што ме поттикнуваат да ја претставам Камелија Шојлевска надвор од границите на Македонија, секако е можноста отворено да проговори за местото на писателите не само кај нас туку воопшто во целиот свет.
Бидувајќи свесни во какви заедници денес живееме и се организираме, каде што е присутен некогашниот ентузијазам што повеќе да се направи во сферите на севкупното творештво, особено она што ќе им го оставаме на нашите потомци и генерации што допрва ќе пристигнуваат, какво е Вашето мислење за местото и улогата на современиот писател? И не само писател, говориме воопшто за местото на сите оние творци што на свој особен начин ќе учествуваат во современото уредување на светот. Не само овде кај нас во Македонија, говориме во цела Европа, дури и во целиот свет поаѓајќи од сознанијата дека сѐ повеќе и сѐ поизразито ќе мораме и ќе треба да го третираме светот како наше големо заедничко живеалиште во чие уредување треба да учествуваме сите. Некој со музика, друг со слика, трет со сето она што ќе го пишува и што во даден момент ќе станува дел од секојдневниот живот на сите нас, жители на нашата планета Земја.
– Сите ние сме пред вратата на новата ера. Тоа насекаде се зборува. Сето ова што било досега, било, прашањето е што ќе создаваме понатаму. А за да се создава треба и многу поими да се расчистат што ние патем сме им дале вредности што ги немаат. Како што рекол Ајнштајн (парафразирам): „Не можеш да создадеш ново од истата позиција и енергија од која си го искреирал нештото“.
Креаторот е основата на сè што почнува. За да се создаде филм треба да се има сценарио по кое тој филм ќе се снима, ниедна техника, технолошки уред не може да го направи филмот, сценаристот е основата, а после сè се надоврзува. Нема книга без писател, ниту ќе постоело издаваштвото ако немало кој да го напише зборот, потоа сè ќе се надоврзува. Нема музика без да ја искомпонираш, колку и да си виртуозен изведувач. А сегашноста некако ги испреврти сите вредности и заборави што стоело на почетокот. Креаторот. А креатори сме сите ние, секое човечко битие постојано креира со секоја своја мисла, акција, дејствување, ама сме го заборавиле тоа и сме го потиснале во себе како луѓе. Сега издавачот стана тој што е главен за издавањето на книгата, па ќе прашам, кој текст за која книга? Разните финансиери, продуценти, да се разбереме не ја потценувам нивната огромна улога во процесот на создавањето, но мора да се има збор. Дури и Библијата вели И БЕШЕ ЗБОР (светлост или освестување).
Полека, полека сето тоа се изгуби, писателот, кој пак ќе повторам е основата, стана жртва, некој што моли другиот да го ислуша, да му даде внимание. Па се појавија разноразни издавачи што ги финансира самиот писател за да му биде издадена книгата, па некои правила како кај нас, издавачот добива сè, но не му плаќа ни денар на писателот и тој, ако сака, мора сам да си ги купува книгите по половина цена. Па каде постои тоа, па странските издавачи го прават истото тоа ама даваат ројалти од секоја продадена книга, ама треба сам да си ја продаваш, сам да даваш да се рекламира. Ова го зборувам затоа што сум поминала сѐ во процесот на создавањето. Секоја чест за големите издавачки имиња, ама до нив не успеав да допрам, така што не знам како е. А сакаме да изградиме друг свет базиран на други вредности. Па кој да ни ги создаде ако не самите ние?

Јасно Ви е и Вам, и на секој повлијателен творец, дека она што денес ќе го изјавиме станува еден вид залог за она што ќе се залагаме да се остварува, дека стануваме целосно одговорни за неговата реализација. Дека секој творец, во која било од творечките сфери, на определен начин станува еден вид директен или индиректен учесник во духовното уредување и на нашата татковина, но и на цела Европа, па и светот. Дека свесно се вградуваме во онаа матрица од која ќе се генерира сето наше однесување во најблиската иднина. Имајќи ги на увид вашите остварени дела од областа на детската литература, дали преку нив можете на определен начин да го визионирате уредувањето на нашиот животен простор според Вашите визии изразени преку нив и во едно скоро време?
– Се вели дека секоја наша мисла допира до бескрајот, ама не сме свесни за тоа. Сега поединечни научници се обидуваат да ја објаснат реалноста преку квантумот и неговата поврзаност, а квантумот е најситната честичка. Свесна.
Да, нашиот збор, визија, мисла ја креираат иднината на татковината, на планетата, а и на универзумот. Каков огромен увид во себе, јас, ти, ние, вие, секој посебно влијае на СÈ… буквално на СÈ.
Знам дека многумина поради овие мои мисли ќе ме отфрлат и ќе речат, што се занесуваш, мојот глас дури ни на избори не се слуша, замислете во универзумот! Ама јас длабоко верувам во моќта на битието, кое е поврзано со сè во овој универзум. Тоа зборува и „Матрикс“, тоа зборува и филмот „Луси“ на Лук Бесон? Тој е режисерот, а кој е писателот знаете ли? Лук Бесон.
Јас една вечер добив инспирација (за време на изолацијата од пандемијата) дека таму некаде далеку до ѕвездата Вега, постои Среќна Планета. Зошто е среќна? Затоа што ја знаат тајната на бидување во заедништво. Кај нив не постои време, не постојат години, не постои стареење и тие можат лесно да се транспортираат на други планети. Тие ја нарекуваат нашата планета МАГИЧНАТА ЗЕЛЕНА ПЛАНЕТА. Издадена е и во Македонија и од англискиот издавач „Соулфуд букс Лтд“.
Книгата е илустрирана од дете на 11 години и целта ми беше да покажам дека сè е можно. Илустраторот Јосиф изнедри лик Саломи, така и настана целата серија од девет книги „Авантурите на Саломи“, кој толку многу ја сака нашата планета и станал постојан посетител, така што и ние преку него постојано учиме за богатството што го имаме околу нас, но не умееме да го видиме, затоа што сме се вовлекле во некои специјални чаури на истоста, а не во различитоста да го бараме она СИТЕ СМЕ ЕДНО што е и првиот закон на човековите права на ООН.
Од кои причини го потенцирам ова – светот? По завршувањето на сите воени судири и новиот распоред на силите во несреќно поделениот свет, за што сум уверена дека ќе се случи многу скоро, дали Вие како писателка и творец за збогатување на светскиот фонд на вредни писмени дела, во ликот на писателот го гледате оној значаен мост преку кој ќе се прават напори за што поуспешно севкупно организирање на нашата планета? Каде што секој народ ќе ги чува и ќе ги протежира својата изворна култура и јазик, но каде што универзализирајќи ги своите дела ќе може да учествува во што поуспешна обнова на сите други народи и култури. Можна ли е една таква соработка во која ќе можат да се вклучат сите расположливи потенцијали, не правејќи разлики ниту во пол ниту во возраст?
– Би сакала да кажам дека војните ќе завршат, но ќе го цитирам Саџгуру, големиот индиски мислител: „Сè додека постојат фабрики за оружје што треба да се потроши, за да може да се произведува и осмислува ново, за жал, тие нема да завршат“. Секогаш ќе се создава некое жариште, освен, велам освен, ако не се создадат нови вредности базирани на оној прв закон на човековите права на ООН, НИЕ СМЕ СИТЕ ЕДНО. Не во поларитетот, туку во различитоста. Што досега е едно, ама да сме исти, по партии, пасоши, имиџи, исто да мислиме исто да вреднуваме, па јас сум подобар од тебе, не ти си, па јас сум поубава имам повеќе вложено во мојата пластика, не ти си. Ние сме тотално расцепени во она што е надвор од нас во оној инпут што го добиваме од надворешниот свет, да не кажам атакувани со информации чиј извор е пак поделеноста и страната што ја држиме и она што е нашиот внатрешен шепот, кој навистина е чкрипот, па не се слуша, кој сака да ни го покаже патот по кој да одиме и што да избираме, за да бидеме среќни и полни со живот и страст кон живеењето. Тоа не нè учеле ни дома ни на училиште, а и не било време, па сега дојдовме до точка кај што гледаме дека повеќе вака не може. Успехот се мери со пари како вредност (а тие се создадени на планетава да имаме полесна размена кило јаболка за кило леб)… убавината се мери со имиџ, па и нека е вештачки создаден, уживањето во што било, па и нека е обичен оброк од леб и сирење, се вреднува со покажување на социјалните мрежи.
Оригиналноста, која е иманентна на секое битие со самото тоа што постои, не ја ни допревме во себе, па како тогаш да ја примиме од другиот? Различноста стана проклетство, а не дарба. Сите да сме исти наместо сите да сме едно. Тука во тоа суштинско постоење ја гледам исто причината за војните, немирите, одбраната на светот како повредно од тоа што го има другиот.
Натпреварот ни е од позиција кој е подобар, а не како да се забавуваме, да играме и да сакаме нешто повеќе.
За да го завршиме разговорот во духот на една визија со голема можност за нејзина реализација, дали Вие лично имате конкретни предлози и „сценарија“ што би можеле без многу напор да се имплементираат во нашето секојдневие? Со тоа би направиле еден голем чекор напред, кој дури и за нашава Македонија ќе значи еден сигурен и безбеден од кон една „визионирана иднина“ што ја посакуваме?
– Секогаш има излез ако се подотвори свеста. Јас го учам тоа околу себе, прошири ја својата свест и ќе видиш еден друг свет околу себе, кој секогаш бил тука ама не си можел да го видиш. Мислите ги пренесувам преку книгите што ги пишувам и ги издавам на „Амазон“. Тој човек навистина бил визионер што дал шанса на сѐ што е на планетава. Сѐ уште имам ограничувања, безброј; и ги фаќам во лет на секој одржан курс, на секој напишан збор.
Имам едно сценарио – Бисерот на Црвеното Море – кое зборува за моќите што ги имале Старите Египќани, главниот лик по иницијативата учи да го гледа она што е невидливо, да го слуша она што е нечујно и да ги зборува и да ги разбира сите јазици на овој свет. Се надевам дека еден ден светот ќе го види ова на филм. Сценариото и сè што пишувам ја немаат тензијата на борба меѓу лошото и доброто, меѓу она да бидеш жртва или победник. Сите сме победници и сите сме едно. Тоа е мојата порака.