Од денес во ваши раце ќе биде сигурноста и безбедноста на целата заедница, во ваши раце ќе биде зачувувањето на мирот во земјата и спокојниот живот на граѓаните. Без разлика на родовата, етничката или верска припадност, вие носите иста униформа, дел сте од истата институција и заеднички ќе се борите против заедничкиот непријател на нашата заедничка држава, а тоа е криминалот, порача денеска претседателот Стево Пендаровски на промоцијата на 590 нови полициски службеници – генерација 2021-2022 година, која се одржа во Центарот за обука на МВР во Идризово.
– Припадниците на Министерството за внатрешни работи се гарант за јавниот рeд и мир, за нашата безбедност и сигурност. Во изминатите три децении изградивме високо професионална полиција во чии редови се најдобрите и најподготвените, кои професионално, достоинствено и со личен интегритет ги извршуваат своите задачи, секогаш ставајќи се на располагање на граѓаните и нивните потреби – истакна Пендаровски.
На новите полицајци им порача дека граѓаните токму во нив гледаат мотивирани, посветени професионалци кои одговорно и доследно ќе ги извршуваат своите задолженија, ќе ѝ служат на својата земја и ќе го штитат животот и имотот на своите сограѓани.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новите полициски службеници кои денеска дадоа свечена изјава им честиташе за успехот и нагласи дека оваа генерација полицајци го има остварено најдобриот резултат во последните 10 години.
– Поминавте една година на патеката што ви овозможи да направите, би рекол, еден мал увид во тоа што значи да се биде полициски службеник. Имавте можност да си ги тестирате границите, да ги надминете своите и очекувањата на другите. Да увидите дека полициската професија се соочува со секојдневни предизвици на кои треба веднаш да се одговори, но и носи огромно задоволство со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секоја успешна реализација како гарант на безбедноста – истакна Спасовски.
Потсетувајќи се на неодамнешните насилни протести го потенцираше значењето на полициската професија за безбедноста на институциите, граѓаните и државата.
– Полициските службеници кои беа на браникот на државните институции, меѓу кои, за жал, имаше и повредени, најпластично ја демонстрираа непоколебливоста, подготвеноста, храброста и жртвата за заштита на државата и за гарантирање на безбедноста на граѓаните – нагласи министерот Спасовски.
Потенцираше дека успешното функционирање на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава.
– Токму затоа наш врвен приоритет беше создавањето модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе одговори на работните задачи. За остварување на тој наш приоритет многу работи направивме, а резултатите, меѓу другото се видливи во сите 75 реконструирани објекти на МВР ширум државата, во кои имплементиравме и мерки за енергетска ефикасност. Покрај ова, инвестиравме над 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица – истакна Спасовски.
На промоцијата се обрати и помошник министерот на Центарот за обука, Сузе Трајковска, која посочи дека обуката се состоела од теоретска настава и ситуациони вежби и од практичен дел.
Информираше дека од вкупно пријавените 625 кандидати, обуката успешно ја завршиле 590 кандидати, од кои 487 машки и 103 женски со среден успех на генерација од 523 бодови од можни 600.
На церемонијата беа доделени плакети за 18 најдобри кандидати од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2021/2022 беше прогласен Стефан Митаноски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на државата.