Во присуство на голем број гости, роднини, пријатели, познати личности, деновиве во Прилеп, беше промовирана книгата „Записи“ од Каролина Мицевска, дописник на „Нова Македонија“ од Прилеп.
Ова е втора нејзина книга.
„Записи“ е вреден и траен документ- историја, за кој говореше м-р Елизабета Арсоска, посочувајќи дека текстовите во книгата отскокнуваат од просечноста, новинарски се прецизни и се стремат кон возвишеното.
-Во сите записи, во три целини, е содржан убавиот пишан збор на Мицевска. Сите до еден се напишани со несекојдневен израз, со баланс меѓу новинарското и креативното книжевно пишување, внесувајќи го читателот во интересни локации и пренесувајќи автентични приказни – рече Арсоска, на промоцијата.
За Мицевска која 20 години соработува со првиот македонски дневен весник, зборуваше главниот и одговорен уредник на Нова Македонија Александар Димковски, потенцирајќи дека на секој весник му е чест да има соработник како Каролина, која е комплетен новинар- пишувач, фотограф, патеписец.
– Најголем дел од текстовите во книгата се претходно објавени токму во „Нова Македонија“, како весник со најголема традиција во државата кој со своите содржини отсекогаш бил инспирација за сите но и симбол на креативниот, творечки дух, слободата на мислата и професионализмот во медиумите – истакна Димковски.
Промоцијата, беше збогатена и со видео приказ на дел од материјалите во книгата.