Се испорачува цехот од нашето откажување од грижата за нашинците надвор од нашата држава

И додека Бугарија ги стави сите расположливи институции во служба на својата дијаспора, но генерално и во служба на идејата за целосно негирање на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, македонското МНР повторно, како и безброј пати досега, изостанува со некаква реакција за ваквиот непријателски чин од страна на Софија. Основа за реакција има, особено ако се има предвид дека бугарската страна со ваквите непријателски дејства го прекршува Договорот за добрососедство и соработка, кој токму од македонското МНР беше фален како документ „со кој се решиле сите отворени прашања со источниот сосед“

Бугарската дијаспора во САД влегува во отворена борба за негирање на сè што е македонско на американскиот континент, почнувајќи од притисокот да не се усвои нова резолуција за одбележување на македонско-американското наследство во Конгресот, до испраќање писма до повеќе американски конгресмени и сенатори во кои се наведува дека Македонците во САД се всушност заблудени Бугари.
Зад акцијата на бугарската дијаспора отворено застана бугарската држава, која во САД преку генералниот конзул и тамошниот бугарски амбасадор интервенира кај американските претставници да не се усвои ваква резолуција и да спречи каква било манифестација на споменување на нешто македонско во Америка.
– Со оглед на изнесените факти, апелираме предлог-резолуцијата да биде отфрлена поради содржаните фалсификати и манипулации, со кои се нанесува навреда на бугарскиот народ и се отвора патот кон дестабилизација на централниот Балкан.
Апелираме меѓународната демократска заедница да ги поддржи демократските средини во С. Македонија да се создадат демократски медиуми независни од Белград, во кои ќе може слободно и без предрасуди да се дискутираат прашањата поврзани со минатото, сегашноста и иднината на Скопје, откако ќе се прекинат злобните југословенски тоталитарни практики наследени од минатото и конечно да се постигне национално помирување – се вели во писмото на бугарското Здружение на потомците на бегалците и преселените од територијата на Македонија испратено до американските сенатори.

Тезата што Бугарија ја пласира пред американската јавност и политичките претставници е дека „концептот за присуство на етничките Македонци бил развиен во Србија во втората половина на 19 век и имал основна цел да послужи како преодна фаза кон денационализацијата на македонските Бугари и нивното постепено доближување кон Белград“. Цел на напади од страна на бугарската дијаспора во САД е и иницијативата Отворен Балкан, која пред Американците се претставува како обид на ново влијание на Србија врз Македонија.

Македонското МНР повторно да не молчи

Никој нема да ја замолкне македонската дијаспора: Протест на Македонците во светот – Фото: ЕПА

И додека Бугарија ги стави сите расположливи институции во служба на својата дијаспора, но генерално и во служба на идејата за целосно негирање на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, македонското МНР повторно, како и безброј пати досега, е без никаква реакција на ваквиот непријателски чин од страна на Софија.

Основа за реакција има, особено ако се има предвид дека бугарската страна со ваквите непријателски дејства го прекршува Договорот за добрососедство и соработка, кој токму од македонското МНР беше фален како документ „со кој се решиле сите отворени прашања со источниот сосед“.
– Ако македонското МНР сака да покаже вистинска грижа за Македонците надвор од државата има основа да реагира и со тоа ќе ја даде поддршката на нашинците како што тоа го прави официјална Софија. Имајќи ја предвид акцијата на Бугарија во САД, за спречување на резолуциите, Македонија може да го откаже Договорот за пријателство врз основа на начелото на реципроцитет: кога една страна флагрантно не ги почитува основните одредби од договорот, втората страна договорничка може да го откаже на начин како што е предвидено во договорот (во сл. според последниот член од договорот, т.е. чл. 20, во кој е предвидено „откажување“) или дури и еднострано да го раскине договорот (посебно во случаи кога актот-договор не предвидува „откажување“ на договорот). Кога една страна флагрантно го крши договорот, според обичајното право и принципот на реципроцитет, оштетената страна-договорничка има право на откажување и, во потешки случаи (кога откажување не е возможно со актот) раскинување на договорот. Ваквото раскинување или откажување се врши со проста дипломатска нота (писмо) до друга страна-договорничка – истакнува професорот по меѓународно право Игор Јанев, кој смета дека на овој начин македонската држава може да се вклучи во одбраната на националните интереси и да ѝ се придружи на борбата на македонската дијаспора, која на сите начини се обидува да се спротивстави на бугарската дипломатска офанзива за демакедонизација низ светот.

Повеќе од очигледно е дека Договорот за добрососедство и пријателство ништо не реши, а едностраното откажување на државата од грижата за малцинствата и за македонската дијаспора широко ја отвори вратата за спроведување на асимилаторските политики во и надвор од Македонија. Имено, кога ќе се избрише македонскиот идентитет надвор од земјава и ќе се покаже дека нема Македонци во другите земји, тогаш многу полесно е да се форсира тезата дека нема македонски народ ниту во Македонија, туку постојат само различни етнички заедници што потпаѓаат под категоријата „граѓани на РСМ“.

Бугарија работи на системска и систематска долгорочна асимилација

Гледајќи како Бугарија како држава жестоко реагира и на најмал обид да се одбележат македонската култура и наследството во кој било дел од светот, тогаш повеќе од јасно е како ќе реагира во текот на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, така што беспредметно е Македонија да прави нови отстапки што водат кон обезличување на државотворниот македонски народ. Впрочем, во оној момент кога ќе се обезличи македонскиот народ, тогаш и државата лесно ќе се ремоделира според замислите на некои застранети умови од пред сто и повеќе години.

Македонската јавност уште еднаш со право се прашува дали молкот на македонското МНР на непријателската акција на Бугарија во САД е резултат на откажувањето на државата од грижата за малцинствата, што очигледно се покажува како погубен чекор или, пак, понизен однос само колку да не се налути Софија.

Дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека тоа што не се реагира на акцијата на Бугарија за блокирање на иницијативите за одбележување на македонско-американското наследство во САД е голем минус за државата и институциите.
– Тоа е тој синдром да не се вознемируваат Бугарите, да не креваат врева само колку да пројдат уставните измени, но тоа никаде нема да ги одведе овие што ги спроведуваат таквите попустливи политики кон официјална Софија. Бугарите во сè се агресивни, тие систематски работат на идејата да поништат сè што се декларира за македонско, ги користат сите наши слабости. Ова што го прават во САД, тоа е дел од таа нивна политика на долгорочна асимилација. Нивните пресметки се дека Македонија еден ден ќе попушти и одат на таа карта. Дури и да се направат уставните измени, тие ќе излегуваат со нови барања, ќе отвораат нови проблеми, само колку тука да остане нестабилна ситуација оти тоа им одговара – вели Јањатов.

Според него, Бугарите со договорот потпишан меѓу Заев и Борисов веќе ги оствариле сите предуслови да стапнат со една нога во Македонија.
– Тој Договор за пријателство и соработка од 2017 година им ги отвори сите врати. Тие нема сега да попуштат, туку само ќе заоструваат. Тоа е таа систематска политика на долгорочна асимилација, почнувајќи со делењето пасоши, па притисоците што ги прават врз македонското малцинство во Албанија, во Косово, а сега и на другите континенти. Не знам со вакво премолчување од страна на нашето МНР каде ќе ја одведат земјата – нагласува Јањатов.

Тој уште додава дека воопшто не е зачуден од однесувањето на Бугарија и очекува таа и во иднина да реагира на сè и сешто, без оглед каде и да се случува.
– Бугарија нема да запре, ќе реагира на сè и ќе се користи со тие посебни бугарски методи, со провокации, ќе користат датуми важни за нашата историја, ќе присвојуваат личности од македонската историја, тоа е нивната политика. Нема никаква врска кој е на власт таму, сите спроведуваат единствена негаторска и асимилаторска политика во поглед на македонскиот народ и Македонија – заклучува Јањатов.