Сиропусната, белата, прошталната седмица завршува со неделата и празникот Прочка кога луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста, пишува проф. д-р Ратомир Грозданоски за МИА.
Прочка – Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.
Велики поклади – Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.
Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.
Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.
Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.
Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е духовен пост, кој треба да му претходи на телесниот пост. Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал.