Десет ученици и двајца наставници од СУГС „Браќа Миладиновци“ се вратија од посетата на Прокупље, Р. Србија каде учествуваа на вториот дел од подговотовката на „Про-Ско сос, сос на пријателство“.
Првиот дел од подготовката се случуваше во мај о.г. кога и.т. десет ученици и двајца професори од средното земјоделско училиште „Радош Јовановиќ – Сеља“ од Прокупље беа во посета на Скопје.
„Про-Ско“ сос е всушност сос кој заеднички го произведоа ученици од двата града и токму затоа симболично е наречен Про-Ско, како акроним од почетните букви на градовите Прокупље и Скопје.
Основата е природен мед и лути црвени пиперки, но и босилек, коријандер, чубрика, јаболков оцет и лук.
Сосот е направен, спакуван и подготвоен за дегустација. Наредниот чекор е промоција и дистрибуција.
Во разговор со учениците од скопското училиште, дознаваме дека самата подготовка не траела долго, само неколку часа. Сепак најтешкиот дел бил при сецкање и мелење на лутите црвени пиперки, поради остриот лут мирис.
Потоа следувал процес на варење, пакување и етикетирање на сосот.
Останатите денови од посетата биле прекрасни, со многу посети на значајни историски и туристички места во градот и околината, како и посета на модерна краварска фарма, млекарница и многу модерна винарска визба „Топлички виногради“.
Особено го истакнуваат дружењето со своите врсници од Прокупље со кои се запознаа при првата посета во Скопје.
Целата оваа приказна е дел од еден голем проект наречен Суперучилишта во организација на невладината меѓународна организација РИКО (RYCO – Regional Youth Cooperation Office). Во проектот учествуваат сто училишта од Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Црна Гора.