Новиот јавен повик за приватните автобуски превозници денеска е објавен на официјалната страница на Град Скопје. Тие најавија дека ќе учествуваат на повикот со три помали фирми поделени во три пакети и очекуваат на почетокот на април да се вратат на своите работни места. Превозниците велат дека постапено согласно договорот што го постигнале со градоначалничката Данела Арсовска, односно во повикот да бидат опфатени сите линии и да се вратат сите 210 автобуси на работа.
– Сите автобуси ќе бидат подеднакво поделени во три пакети, ние сме многу задоволни што работите тргнаа во таа насока. Утре ќе ја подигнеме тендерската документација за овој јавен повик, ќе видиме што е потребно, ќе ја собереме документацијата и во предвидениот рок ќе ги доставиме документите за да учествуваме на повикот – изјави денеска претставникот на приватните превозници, Јовица Зафировски.
Повикот ќе биде отворен до 21-ви месецов, по што на 26-ти месецов ќе се отворат понудите и како што рече, се надева дека на почетокот на април ќе се вратат на работа.
Исто така информираше дека условите ќе бидат исти како и во претходните повици и оти ќе остане истиот возен парк, но дека имаат договор со градоначалничката Арсовска да работат на подобрување на возниот парк. Даде ветување дека сите постари автобуси ќе бидат заменети со нови во догледен период.
На новинарско прашање во однос на долгот, Зафировски повтори дека Град Скопје нема долг кон нив, односно дека долгот е на Јавното сообраќајно претпријатие и дека тоа тековно ќе се решава.
На прашањето дали во договорот имаат вклучено исплаќање на долгот со камати, тој одговорно тврдеше дека ќе нема такво нешто.
Со оглед на фактот дека „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ не можат да бидат вклучени во новиот повик, Зафировски информираше дека имаат формирано нови фирми за учество на новиот јавен повик.
– Ќе има три нови фирми, секоја фирма ќе го раководи својот пакет, а пакетите се поделени по пет линии, само еден пакет ќе има шест линии – рече Зафировски.
Тој појасни дека се присутни 135 фирми и дека „Слобода превоз„ и „Макекспрес“ немале возачи, туку биле само посредници во процесот.
Според Зафировски, сега процесот ќе се одвива на ист начин само што ќе биде поделен на три помали фирми во три пакети.
Прашан дали веднаш ќе бидат активирани еколошките автобуси со оглед на намалувањето на цената на метан, тој одговори дека моментот има 25 еколошки автобуси на природен гас кои што ќе бидат вклучени.
На прашања за бројот на возачите кои ќе бидат вклучени и дали се вклучени сите кои работеле од порано, Зафировски рече дека нема да остане ниту еден возач на улица и оти за секој пакет е утврдено точно колку возачи ќе требаат.