Општина Прилеп го доби првото од вкупно девет специјализирани комунални возила за собирање и транспорт на отпад. Возилото, со капацитет од 8 кубни метри, е обезбедено од Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на Регионалната програма за управување со цврст отпад.
Во наредниот период ќе бидат испорачани уште пет возила со капацитет од 12 кубни метри, едно со 8 кубни метри и два помали камиони од 6 кубни метри.
Од општината велат дека со новата опрема ќе се подобри ефикасноста на комуналните услуги и јавната хигиена, како и управувањето со отпадот.
– Со оваа комунална опрема значително ќе ја зајакнеме ефикасноста на комуналните услуги и ќе направиме важен чекор кон воспоставување на интегриран и одржлив систем за управување со отпад, усогласен со европските директиви за отпад и депонии- велат од општината.
Во рамки на проектот за Прилеп се испорачуваат и 8.318 канти за селекција на отпад и 126 контејнери од 1,1 кубен метар.
Проектот опфаќа 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион, со вкупна вредност од 11 милиони евра, со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Ка.М.
































