Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска ќе учествува на состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба Процес Балкан III“ во Софија, на покана на бугарскиот претседател Румен Радев и кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори.
Македонската претседателка ќе говори на првата сесија од состанокот насловена „Идентификување и разбирање на заканите“, а за време на посетата, предвидени се и билатерални средби на претседателката Силјановска-Давкова со шефот на бугарската држава Румен Радев и со кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори.
На состанокот, шефовите на држави, претставници на влади, меѓувладини и невладини организации ќе разговараат за безбедносни прашања со фокус на Балканот. Форумот „Акаба процес за Балканот III“ е продолжение на претходните состаноци на оваа тема, одржани во рамките на иницијативата – во 2016 година во Акаба, Јордан и во 2018 година во Тирана, Албанија.
Целта на форумот во Софија е државните лидери од Југоисточна Европа, заедно со претставници на влади, институции и партнери на „Процесот Акаба“, да ја анализираат безбедносната архитектура на Балканот, да разговараат за регионалните механизми за размена на информации и да ги координираат напорите во борбата против илегалната миграција, тероризмот, радикализацијата и екстремизмот.