Претседателката Силјановска Давкова ја прифати оставката на членовите на Комисијата за помилување – соопштија вечерва од кабинетот на претседателката.
-Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Силјановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во комисијата. Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи. Претседателката Силјановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири – стои во соопштението.
Воедно се додава дека во следниот период претседателката Гордана Силјановска Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица – стои во соопштението од кабинетот на претседателката.
Професорот Гордан Калајџиев и член на Комисијата за помилување претходно вечерва на неговиот фејсбук профил информираше дека членовите на Комисијата поднеле колективна оставка.
-Со ова ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на Комисијата за помилување. Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи – стои во објвата на фејсбук профилот потпишана од Проф.др Методија Каневчев, Проф.др. Гордан Калајџиев, Проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ, Др. Зора Митиќ, М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска Ајтен Шаќири.
Оставката следува по превирањата во јавноста за помилувања од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.