Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу денеска беше во официјална посета на Општина Тетово. Посетата ја почна со средба во зградата на општината со градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој симболично и предаде клуч од градот Тетово.
Касами на прес-конференцијата истакна дека прв пат како на ниво на државата и во Тетово доаѓа во официјална посета претседателка на Република Косово.
Тој нагласи дека како граѓани, како тетовци се почестени од нејзината посета и придонес во подобрување на соработката меѓу двете пријателски и соседни држави.
Република Северна Македонија и Република Косово, според Касами, историски имаат блиски односи и порано во рамки на Југославија и сега.
– Се меѓу државите на Балканот кои немаат никакви проблеми меѓусебни, туку се пример како треба да се негуваат односите меѓу двете држави. Исто така Тетово како еден од главните градови на Македонија, најважните градови после Скопје, каде што мнозинство на граѓани живеат Албанци е мостот на соработката помеѓу Македонија и Косово. Затоа јас како градоначалник ќе продолжам овие згодности да ги негувам и понатаму со сите држави во регионот особено со Косово, со кое имаме многу заедничко минато и многу заеднички да споделиме и во рамките на идната соработка, моделот на интегрирање на нашите две држави во Европската унија. Сигурно ќе соработуваме блиску со претседателството во Косово и со други институции и општините во интерес на благосостојба и на подобар живот на сите наши граѓани – истакна Биљал Касами.
Претседателката на Косово пред медиумите се обрати само на албански јазик, а превод од Општина Тетово имаше само за дел од обраќањето.
– Од Тетово почнале многу историски процеси за албанскиот народ, не само за оној кој живее во овој град, туку и од соседните држави. Тетово и Косово имаат многу заедничка историја и плодна и братска соработка. И денес нашите врски се нераскинливи. Многу млади од овој град, студирале и студираат на нашите Универзитети и обратно. Мојата посета во РСМ е уште еден доказ за придонесот што Албанците го дале за државотворноста на РСМ и за евроинтеграциите, за нашата соработка и пријателски односи меѓу двете држави, кои сигурна сум дека ќе се продлабочуваат во иднина. Косово секогаш ќе биде благодарно на граѓаните на Вашата држава за помошта и безусловната поддршка што ја давале за граѓаните на Косово – истакна Вјоса Османи Садриу.
Пред зградата на Општина Тетово беше организиран и направен коридор од ученици, играорци и други присутни кои носеа народни албански носии и знамиња на Албанија. По средбата во општината градоначалникот на Тетово и претседателката на Косово, пеш се упатија кој основното училиште „Лирија“, како и на градскиот плоштад каде имаше музички настап.