Отците на црквата велат дека тоа што Господ се преобрази на висока гора значи дека човекот, за да учествува во Христовата светлина, треба да се издигне на повисока духовна состојба, да ги победи страстите и да ги исполни Божјите заповеди. Се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појави во сета негова слава пред тројца од неговите ученици, послушните и најблиски апостоли Петар, Јаков и Јован

Денес се одбележува Преображение Господово, еден од дванаесетте големи христијански празници

Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и православните верници на 19 август празнуваат еден од дванаесетте големи христијански празници – Преображение Господово. На овој ден се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појави во сета негова слава пред тројца од неговите ученици, послушните апостоли Петар, Јаков и Јован. Овој необичен настан од животот на Господ Исус Христос се случи непосредно пред почетокот на неговите страданија и распетието. Овој светол настан се празнува на 40 дена пред Крстовден. За него се говори во три евангелија (Матеј 17,1-9, Марко 9,2-8 и Лука 9,28-36) од четирите евангелија во Новиот завет.
Третата година од својата проповед на Земјата, Господ Исус почесто им зборуваше на неговите ученици за неговото скорашно страдање, но и за неговата слава по страдањето на крстот. За да не се исплашат неговите апостоли од неговото страдање и за да не отпаднат од него, Он, Премудроста, сакаше, пред да се случат страшните страдања на Голгота, под крстот, делумно да им ја покаже својата божествена слава, онолку колку што можеа да издржат според човечката природа, односно колку што на човечката природа ѝ е дадено да види и да поднесе.

Богочовекот Исус Христос, кој беше послушен и ја извршуваше волјата на Бог Отецот, ги зеде со себе тројцата негови најблиски ученици – апостолите Петар, Јаков и Јован – и излезе со нив ноќе на високата планина, гората Тавор. Он не ги зема сите ученици, бидејќи меѓу нив е и Јуда. Господ не сакаше тој да ја види неговата слава предвреме. Христос ги зеде само избраните ученици, кои беа членови на Црквата Христова. Петар беше прв по верата, Јован девственик по чистотата и прв по љубовта, а Јаков, неговиот брат, прв по трпението и во венецот маченички. Другите ученици сè уште не беа подготвени да ја поднесат славата Господова.
И заблеска лицето негово како сонце, а облеката му побеле како снег. И се појавија покрај него светите Мојсеј и Илија, за кои се верува дека се најголемите старозаветни пророци, кои Господ ги повика и телесно се преобрази пред нив, за да покаже дека Он е најголемиот и најревносен исполнител на Мојсеевиот закон. Имено, Евреите го обвинуваа Господ Исус Христос дека Он го прекршува законот Мојсеев и со тоа хули на Бога. Со јавувањето на Мојсеј и на Илија, уште се покажа дека Христос е, всушност, над сите пророци и дека тие се негови избрани служители.
На Тавор, Господ се помоли на Бога Отецот. Учениците се восхитија од тоа што го видоа. И Петар рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија“. Но, додека Петар уште говореше, сјаен облак ги опфати Господ и учениците и дојде глас од небото: „Овој е мојот возљубен син, него послушајте го“. И во тој момент апостолите видоа дека пророците Мојсеј и Илија веќе не се присутни.
Откако го слушнаа овој глас, учениците паднаа ничкум на земјата како мртви и останаа така лежејќи во страв додека Господ не им пријде и рече: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17, 7).

Кога прекина ова прекрасно видение, учениците повторно Го видоа Господа, онака, како што беше и претходно. Им укажа дека се приближува времето на неговото страдање и затоа тие не треба од ништо да се соблазнуваат и да не се посомневаат во нивните срца, дека Он е вистинскиот Месија, вистински Човек и вистински Бог. Господ покажа дека целокупната човекова природа може да се преобрази, дека можеме да се очистиме од сето она што ни попречува да влеземе во царството божјо. Откако слегоа од гората, Исус им заповеда на апостолите Петар, Јаков и Јован да не зборуваат за тоа што го видоа, додека Тој не воскресне.
Светите отци толкувајќи го овој величествен настан, велат дека Господ се преобрази на гората за да нѐ научи на две добродетели: на трудољубие и богомислие. Зашто искачувањето на височина бара труд, а височината ја претставува височината на мислите т.е богомислието. Се преобрази ноќе бидејќи ноќта е попогодна за молитва и богомислие одошто денот и ноќта ја закрива со темнина целата земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо.
Мојсеј и Илија се јавија за да ја разбијат еврејската заблуда дека Христос е некој од пророците, Илија, Еремија или некој друг – затоа Он се јавува како цар над пророците, и затоа Мојсеј и Илија се јавуваат како слуги негови.
Дотогаш Господ многупати им ја покажуваше на учениците својата божествена моќ, а на Тавор им ја покажа својата божествена природа. Тоа видение на неговото божество и слушањето на небесното сведоштво за него како за Син Божји требаше да им послужи на учениците во деновите на страдањето Господово за укрепување на непоколебливата вера во него и во неговата крајна победа.
Исто така, отците на црквата велат дека тоа што Господ се преобрази на висока гора значи дека човекот, за да учествува во Христовата светлина, треба да се издигне на повисока духовна состојба, да ги победи страстите и да ги исполни Божјите заповеди. Кај нашиот народ токму на овој празник првпат во годината се бере грозје и се носи во црковните храмови, каде што свештениците го благословуваат грозјето, по што истото тоа може да се вкуси.
Празникот Преображение на Господ Исус Христос има големо значење кај православните верници. Се верува дека на овој важен ден се преобразува и времето и почнува да заладува. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отвора како на Богојавление, се јавува Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнува желбите.

Живко Здравкоски