Фото: Емил Јовановиќ

Пред охридскиот Основен суд, во организација на „Сончева револуција“, денеска се одржа нов собир за поддршка на адвокатот Тони Менкиноски, кој е обвинет за нарушување на јавниот мир и ред, откако го развиори знамето со шеснаесетзрачното сонце во Охрид.
Тони Менкиноски денеска повторно требаше да седне на обвинителна клупа во охридскиот Основен суд поради истакнувањето на знамето на кое е преставено сонцето со шеснаесет зраци (познато како Ѕвездата од Кутлеш или Сонцето од Кутлеш), на 20 јануари годинава, празникот Водици, кога многу охриѓани се собираат на брегот на Охридското Езеро, поради што беше обвинет за нарушување на јавниот ред и мир. Во текот на споменатиот настан, знамето било поставено на остатоците од средновековните ѕидини во близина на езерото, познати како Долна Порта, кои се сметаат за дел од Самоиловата тврдина. Рочиштето по втор пат беше одложено. На него не се појавија претставници на Министерството за внатрешни работи.

-На судењето воопошто не се јавија претставници на МВР. Очигледно е дека МВР бега од средба и пулените на Оливер Спасовски не дојдоа да објаснат како ние сме го нарушиле јавниот ред и мир. Јас воопшто не се чувствувам виновен, горд сум што го истакнав македонското знаме. Не сум го нарушил јавниот ред и мир, не постои ниту еден меѓународен, билатерален или мултилатерален договор што може да ме спречи мене како Македонец да го развијам македонското знаме – изјави Менкиноски.

Тој најави дека ќе бара од Судот да донесе ослободителна пресуда од причина што како и во претходните рочишта не се појавува никој од страната на обвинението, а смета дека ослободителната пресуда ќе значи слобода Македонците достоинствено и гордо да го веат знамето од Кутлеш.

-Ова не е битка за мене, туку за нас Македонците, иста како што онаа ја водевме пред Стразбур за Македонците од Пиринска Македонија. Во слободна држава да не смееме да развиеме македонско знаме, нема поголем апсурд – рече Менкиноски.

Претходно поддршка за адвокатот дадоа повеќемина академици и интелектуалци кои посочија дека сонцето од Кутлеш е обединувачки симбол на македонскиот народ.

 

Во однос на обвинението повеќемина правни експерти посочија нема никаква основа некој да се гони за веење знаме. Во оваа конотација, адвокатот Александар Тортевски вели дека не е сигурен дека во конкретниот случај точно која е одредба е употребена, но многу е проблематично што сè се подразбира под јавен ред и мир.

– Од друга страна, сосема сум сигурен дека неколку стотици илјади луѓе во Македонија го имаат веено ова знаме во разни пригоди. Во најмала рака, во случајов има селективна примена на законот, зашто не може од стотици илјади луѓе само еден да се земе на одговорност, не смее полицијата селективно само него да го гони – вели адвокатот Тортевски.

Проф. д-р Гордан Калајџиев, експерт по кривично право, оценува дека употребата на знамето на кое е преставено сонцето со шеснаесет зраци не е регулирана со закон, оттука не може да биде санкционирана неговата употреба.

-Со Законот за употреба на знамињата, регулирана е употребата на државното знаме и знамињата на странски држави, употребата на останати знамиња е во сферата на слобода на изразување. Исклучок се знамиња и симболи кои се изричито забранети, како фашистичкото знаме или слично – вели Калајџиев.

Во врска со судењето на адвокатот Менкиноски, професорот по уставно право Светомир Шкариќ истакна дека ова е една глупост од нашата полиција. Сосема непотребно. Носење знаме, особено ако не е државно, е приватна работа, посочува Шкариќ.

Од Сончева револуција кои му даваат поддршка на Тони Менкиноски, повторно се собраа пред охридскиот Основен суд, нагласувајќи дека симболот со шеснаесетзрачното сонце е дел од македонскиот вековен идентитет и дека не се откажуваат од него. Претходно организаторите на собирот најавија дека ќе го обојат Охрид во најубавите бои, со најсјајните зраци, со најтоплото сонце.

Д.Ст.

Фото: Емил Јовановиќ