Фото: МВР

Повлекувањето на изјавите од страна на жртвите е еден од најголемите предизвици во постапувањето по случаи на семејно насилство, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред почетокот на тркалезната маса посветена на поддршката и заштитата на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство.

Тошковски посочи дека жртвите често ја повлекуваат изјавата дадена во полиција, најчесто под притисок од насилникот, нагласувајќи дека во такви ситуации не смее да се обвинува жртвата.

Според него, институциите треба да најдат поефикасен начин за справување со ваквите случаи и подобро да ги искористат можностите што ги нуди постојната регулатива.

-Потребен е координиран систем што ќе функционира 24 часа, во кој ќе бидат вклучени сите релевантни институции – полицијата, центрите за социјална работа, Јавното обвинителство, Кривичниот суд, како и невладините организации што работат со жртви на насилство – истакна Тошковски.

Тој апелираше и до граѓаните да ја информираат полицијата доколку забележат случаи на потенцијално семејно насилство, нагласувајќи дека полицијата ќе реагира со цел да се спречи секој облик на насилство, особено кога станува збор за малолетни деца.

Министерот додаде дека и покрај досегашните мерки, остануваат уште многу чекори што треба да се преземат за подобрување на системот за заштита на жртвите.