Фото: Хема-Онко

Потребни се реформи во македонскиот здравствен систем, план што ќе доведе до пад на бројот на заболени од рак, да нема недостиг од терапија. Ова се само дел од работите посочени на панел-дискусијата што попладнево се реализира во Скопје, по повод Светскиот ден за борба против ракот. Со наслов „Обединети по единственост“ – „Преобликување на иднината за грижата за ракот во нашата држава – предизвици и можности“, а во организација на Здружението посветено на пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“, панел-дискусијата се одржува во амфитеатарот на Универзитетот „Скопје“.

Ана Марјановиќ, онколошки пациент и дел од „Хема-онко“, во изјава за медиуми пред почетокот на дискусијата, рече дека таа е замислена како „разработување на прашањето каде сме, каде одиме и како да стигнеме таму“.

– И во светски рамки, бројките се страшни. Во Македонија, доволно дискутирани. Знаеме дека одиме постојано нагоре. Оваа панел-дискусија ќе се обиде да одговори на прашањата колку сме спремни да се посветиме на еден план што ќе доведе до намалување на овие бројки – подвлече Марјановиќ.

Таа изрази надеж дека во 2025 година повеќе нема да се занимаваме со недостаток на терапија.

– Ќе можеме да се сконцентрираме на превенција, ќе можеме да се сконцентрираме на едукација на пациентите, што е од огромна важност во секој сегмент и за оние коишто се недијагностицирани – како да се заштитат, како навреме да откријат доколку имаат канцер и сите оние коишто веќе се борат со оваа болест, како да им помогнеме тоа да биде подобро. Проблемите на Онкологија постепено се решаваат, што мене ми влева надеж – сподели Марјановиќ.

Лидија Пецова, претседател на „Хема-онко“, рече дека како здружение, се приклучуваат на глобалната кампања. Таа појасни дека на панел-дискусијата присутни се претставници на Министерството за здравство, релевантни институции, директори на клиники.

Милица Кузмановска, потпретседател и менаџер за комуникации на „Хема-онко“, додаде дека денешниот ден се одбележува во светски рамки, Светски ден е за подигнување на свеста и за борбата против ракот.

– Генерално, односно на глобално ниво, што би значело во однос на превенција, подобрување на условите за лекување, на сеопфатната грижа за пациентите со рак, овозможување на подобри услови за нивно лекување и подобар квалитет на живот – рече Кузмановска.

Таа рече дека очекува плодна панел-дискусија.

Милан Мишковиќ, претседател на Националната асоцијација на пациентски организации во државава, етаблирана пред осум месеци, рече дека успеале да се соберат повеќе од 10 организации што, меѓу другите, ги претставуваат и онколошките пациенти.

– Една голема група сме на пациентски организации што ќе се потрудат во наредниот период да направат некаков придонес во здравствениот систем – најави Мишковиќ.

Довербата на пациентите во нашата земја во однос на онколошките потреби, како што истакна Мишковиќ, е доведена до „огромен знак прашалник што како понатаму“. Тој изрази надеж дека во следниот период ќе се изнајдат клучни решенија.

Според него, државава некако слабо ги следи европските и светски практики во однос на борбата против ракот.

– Ние многу малку во нашиот систем вложуваме во делот на превентивата и раната детекција – посочи тој.

Мишковиќ нагласи дека македонскиот здравствен систем мора да направи големи реформи, дека треба да гледа од европските примери и дека потребни се стратешки промени.

Анжелика Колева, член на „Хема-онко“, онколошки пациент, рече дека во план им се работилници, арт терапија со онколошки пациенти.

– Имаме многу зацртани планови, се надевам дека делумно ќе ги оствариме барем 80 отсто од плановите – откри Колева во изјава за медиумите.

На прашање, како онколошки пациент, каква порака сака да упати на овој ден, таа рече дека сами се носат со сето тоа.

– Што би упатила освен дека сами се носиме со сето ова, ни треба исклучително голема храброст за сето тоа, за да можеме да го пребродиме и да живееме и опстојуваме понатаму – сподели Колева, одговарајќи на новинарско прашање.