Потребна е социјална инклузија на старите лица во нашето општество

Став

Денеска презентираме уште еден текст на претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова. Во својот авторски текст, таа прави опширна анализа уште на едно актуелно прашање што особено ги интересира пензионерите: Потребна е социјална инклузија на старите лица во нашето општество, како дел од серијата написи „Некои аспекти на пензионерскиот систем во Македонија“. Имајќи ја предвид актуелната ситуација во која се проблематизираат некои од прашањата што се однесуваат на пензионерите и нивното организирање, односно нивниот дијалог со државните органи за решавање на отворените прашања, го објавуваме и овој текст, со цел од аголот на СЗПМ да се осветлат што повеќе аспекти од живеењето на пензионерите, од прва рака.

Ваквата општа констатација и заклучок произлегуваат од сознанијата што ги има Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија од анализата и согледувањата преку работните средби со претседателите на здруженијата, извештаите и дописите на 53-те здруженија и нивните над 500 разграноци.
Од сето тоа се гледа дека е потребно јакнење на социјалната инклузија на старите лица во нашето општество преку мобилизирање и искористување на потенцијалите на граѓанскиот сектор. Со инклузијата на старите лица во нашето општество им се овозможува на старите лица да учествуваат во донесување одлуки поврзани со стареењето, подобрување на стилот на живеењето, превенција на заболувањата и промоција на здравјето, како и зајакнување на позитивниот имиџ на постарите лица и друго.
Тоа може да се постигне и со ангажирање на здруженијата на пензионерите, односно нивните членови, преку помош од државата, локалната самоуправа, грантови и друго, грантови за надминување на недостатоците во сферата на обезбедување услуги, подобрување на капацитетите на постојните служби, креирање иновативни услуги или спроведување нови иницијативи на ниво на локалните заедници наменети за социјална вклученост на постари лица во сите сфери на општеството.

Се разбира дека најдобри резултати на овој план може да се постигнат со вклучување на Црвениот крст на РС Македонија, со донесување заедничка програма за поддршка со финансиски средства.

Понатаму, инклузијата би се реализирала преку предавања за активно стареење, демографски анализи на бројот на стари лица, користење на искуствата на земји во опкружувањето и пошироко и друго.

Сојузот има изработено свој проект за социјална инклузија на старите лица во нашето општество според своите програмски определби и цели. Во програмата за работа на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, инклузијата (вклученост) на старите луѓе во активности што ги преземаат и други граѓански организации може да опфаќа повеќе области, како: семејно насилство, родова еднаквост, здравство, социјална дејност, еколошки активности и друго, со цел СЗПМ и здруженијата да се вклучат, да се промовираат, да ги апострофираат и изложат потребите на пензионерската популација. Во овој контекст треба да се истакне и да се оствари поголема соработка со центрите за социјална работа, учество на оваа популација во разни трибини, панел-дискусии и друго, каде што се говори за старите лица вклучувајќи ги и корисниците на пензија.

Дел од активностите во работата на сојузот и сега се одвиваат и во здруженијата и СЗПМ, но се предлага во 2024 година помасовна и поинтензивна соработка и вклученост на здруженијата на пензионери со други организации, органи и институции со цел развивање меѓусебна соработка, вклучување и реализирање на пензионерските потреби, како и подигање на свеста на сите нивоа во третманот на старите лица.
Пренесуваме некои од насоките што ги предлага сојузот за подобра инклузија на старите луѓе во нашето општество, и тоа:

1. Поинтензивна вклученост и соработка со општинските центри за социјална работа
– остварување соработка, односно информирање на пензионерите како ризична социјална група за правата и бенефициите што може да ги остваруваат преку центрите;
– откривање пензионери што имаат потреба од социјална помош и грижа, особено за пензионери што живеат во далечни рурални средини, давање совети, односно изготвување барање до центрите за остварување на соодветното право;
– вклучување на здравите пензионери во активности што ги реализираат центрите (донирање храна, собирање стара облека, донирање дрва за огрев, опфат на пензионери од ризична група со бесплатни вакцини против грип и друго);
– детектирање пензионери врз кои се врши семејно насилство.

2. Соработка со други граѓански организации
– помош на старите лица – вклучувајќи ги и пензионерите, во согласност со дејноста на тие организации како помош и грижа за стари лица и преку разни облици и форми;
– соработката може да се оствари со непосредно склучување меморандуми за соработка преку кои ќе се остварува заемна активност со вклучување волонтери од ЗП и корисници на услуги – пензионери членови на здружението;
– соработка и вклучување во разгледување на прашањата поврзани со граѓанските организации на кои активности носители може да бидат СЗПМ и ЗП.

3. Поинтензивна соработка со општинскиот, градскиот и републичкиот Црвен крст во грижата за старите лица – пензионери
– соработка во работата на дневните центри и клубови што ги координира Црвениот крст;
– едукативни предавања на пензионерите за најчестите заболувања во третата доба (дијабетес, хипертензија, респираторни заболувања, Алцхајмерова болест, мозочни удари, малигни заболувања кај двата пола и др.);
– вклучување пензионери волонтери во откривање пензионери бездомници, на кои во соработка со активисти на Црвениот крст ќе им се даде соодветна помош.

4. Учество на трибини, панел-дискусии и друго, поврзани со пензионерската популација од активисти на ЗП и СЗПМ
– статус на граѓански организации што се финансираат со сопствени средства, а се оптоваруваат со сопствени обврски;
– поддршка на одделни проекти за изградба на пензионерски и старски домови со цени адекватни на пензионерскиот стандард;
– поддршка на проекти што се финансираат од меѓународни организации;
– прашања од здравство, пензиско и инвалидско осигурување, прописи од домен на извршување и друго.

5. Инклузија во активности организирани од локалната самоуправа
– соработка и вклучување во изградба, реновирање и опремување пензионерски клубови, како неопходни места за спроведување активности, односно за социјален живот на пензионерите;
– вклучување во одбележување значајни датуми за општината и ЗП;
– вклучување во активности за зачувување на здравата животна средина на пензионери волонтери (засадување дрвја и цвеќиња, уредување паркови и зеленило и грижа за инвентарот што го користат и пензионерите).

6. Поинтензивно вклучување на пензионерите волонтери во разграноците во разни форми на активности
– во голем број статути на ЗП и сега е назначено дека разгранокот треба да води евиденција за стари и болни пензионери, редовно да ги посетува и да им се дава соодветна помош, но тоа треба да биде уште понагласено;
– вклучување на разграноците во откривање пензионери со одредени предиспозиции и таленти за учество на ревии на песни, музика и игри, како и во спортски активности организирани од СЗПМ;
– создавање услови за вршење и на други форми на спортски и културни активности.

7. Зголемена активност на:
– активите на пензионерки;
– комисиите за здравство и социјална заштита во здруженијата и разграноците;
– инклузивни активности што имаат социјално–хуманитарен карактер;
– зголемена инклузија на активисти од доменот на културата и спортот.

8. Афирмација на проектот
– афирмирање на инклузивните активности и поставување летоци во клубовите;
– информирање и афирмирање на потребата од зајакнување на инклузија (вклученост) на старите луѓе во СЗПМ и здруженијата во печатените и електронските медиуми.

Сето ова се надевам дека ќе придонесе за издигање на свеста во општеството за потребата од зајакнување на инклузијата (вклученост) на старите луѓе во нашето општество, што ќе донесе повеќе бенефиции за сите.