Грижата за Преспанското Езеро е основната причина поради која претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска ја посети општина Ресен од каде најави дека во наредниот период ќе посети голем број општини и населени места низ државата.
Изрази задоволство што е во Ресен, град, кој според неа, од многу причини, многу почесто треба, не само претседателите, туку и сите да го посетуваат. Не само, како што рече, заради убавината, историјата, соживотот, езерото, ретките птици, Сарајот, музејот на Татарчев, Наде Проева…
– Неслучајно почнав од Ресен, бидејќи основната причина беше грижата за Преспанското Езеро. Добив темелни податоци, меѓу кои и оној дека не е основната причина во енормното и неконтролираното користење на водата, туку во понирањето, односно во природата и дека во историјата сме имале и другпат вакви ситуации. Но, од разговорот со градоначалникот што разбрав дека да, овој град има иднина, само што има потреба од поголема поддршка – изјави Силјановска-Давкова.
Забележа дека проектот „ЕУ за Преспа“ е инспиративен и темелен, за активирање или реактивирање на туризмот, земјоделството, економијата, справувањето со депониите.
– Навистина некои од решенијава мислам дека се за првпат применети и во иднина може да бидат модел – подвлече претседателката на државата.
Смета дека треба стратешки да се пристапи кон културниот и економскиот развој и медицинскиот туризам.
– Охрид е тука, Ресен е овде, езерата се тука. Ние мораме навистина да изградиме стратегија со која младите ќе останат овде. За среќа, вештачката интелигенција и дигитализацијата овозможуваат овде да живеете, а да работите на друго место. Но, за тоа треба еден исчекор – нагласи Силјановска-Давкова.
Градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски изрази благодарност за укажаната чест што претседателката на државата го посети Ресен и имаше можност одблиску да се запознае со тековните проекти, убавините на Преспа, но и за проблемите со кои се соочуваат.
– Како најголем проблем го истакнавме басенот на Преспанското Езеро, каде што си дадовме заеднички обврски на поголема заедничка соработка во иднина за да го спасиме она, не само што е наше на Македонија, туку она што е вредно и за Европа и за целиот свет – изјави Тозиевски.
На средбата, додаде, разговарале и за преспанското јаболко, европските проекти, можностите што ги нудат, убавините на Преспа…
Покрај средбата со градоначалникот и членовите на Советот на Општината, Сиљановска-Давкова оствари средба и со граѓаните на Ресен, претставници на невладиниот сектор, а ги посети и Спомен музејот на Татарчеви и Домот на култура „Драги Тозија“.


































