Во пресрет на 21 март – Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Силјановска-Давкова прими претставници на здружението за рехабилитација и инклузија „Дневен центар – Доза среќа“ од Скопје.
На средбата, таа го поздрави холистичкиот пристап на здружението, кој придонесува за унапредување на животот на децата, младите и возрасните лица со Даунов синдром.
Силјановска-Давкова нагласи дека институциите треба да обезбедат подобри услови за развој на животните вештини и активно вклучување на овие лица во општеството како рамноправни граѓани.
– Потребно е да се подигне јавната свест и да се отворат повеќе дневни центри. Нема полековита доза среќа од разбирањето, прифаќањето и љубовта кон овие лица – истакна претседателката.
Претседателката на здружението, Сузана Стојановска, информираше дека центарот е отворен и за деца со други попречености, како оштетен говор, слух и вид.
Таа посочи дека дискриминацијата сè уште е присутна и претставува сериозен општествен предизвик, при што како клучни проблеми ги издвои недостигот од стручен кадар, мал број волонтери, несоодветните услови во центарот и ограничените можности за вработување на лицата со Даунов синдром.
Настанот беше збогатен со музички настап на знаковен јазик, како и изведба на хармоника од Денис Димитров, со што уште еднаш беше покажано дека талентот не познава бариери.
Во знак на благодарност, претставниците на центарот на претседателката ѝ врачија рачно изработен подарок.








































