Неопходно е да се пронајде решение за предизвикот во односите со Бугарија преку активен дијалог, но без отстапување од принципиелните позиции на државата, изјави вечерва министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, пренесе МИА.
Муцунски нагласи дека земјата не смее да остане заложник на билатерални процеси, посочувајќи дека е потребно рационално решение кое ќе обезбеди предвидливост на европскиот пат, што, како што рече, го поддржува огромното мнозинство граѓани.
Тој истакна дека актуелните изборни активности во Бугарија бараат внимателен пристап во комуникацијата, додавајќи дека веќе остварил контакт со новата бугарска министерка за надворешни работи со технички мандат и очекува наскоро да се реализира и средба.
-Нашата држава мора да продолжи во рамки на стратешката определба што постои. Ние сме земја членка на НАТО, земја што мора да ја оствари својата цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија и земја што има стратешко партнерство со САД. По однос на прашањето за Европската Унија, ние го немаме тој луксуз да кажеме – престануваме во било кој момент. Напротив, мораме прво фокусирано да работиме на домашната агенда, каде што морам да истакнам дека споредбено со најголем дел од земјите во регионот, си ја завршуваме својата работа, но имаме уште предизвици пред нас, без никаква дилема. И испорачуваме резултати. И посебно е тоа видливо по однос на резултатите од реформската агенда во последните неколку месеци. И мораме да најдеме решение на предизвикот со Бугарија. Е сега, тоа и мораме и можеме да го гледаме низ два аспекта. Прво, ние имаме принципиелни позиции што сме ги претставиле и пред земјите членки и пред соседна Бугарија. Но, мораме да имаме активен дијалог со нашиот сосед, да зборуваме за она што нè загрижува и да зборуваме каков е патот кон решение. Пред неколку дена, видовте, имаше соопштение од нашите институции, се слушнав со новата министерка за надворешни работи, која има технички мандат, но сепак е министер за надворешни работи. Очекувам во следниот период да дискутираме, при прва можност да оствариме една средба, да дискутираме што е она што можеме да го направиме во следниот период во рамките на техничкиот мандат. И паралелно да бидеме максимално внимателни. Како што напомена Гордан, во Бугарија во моментот течат изборни дејствија. И сè што ние ќе кажеме, може многу лесно да стане дел од изборниот наратив во Бугарија. И сето тоа на крајот, да ги влоши нашите позиции при евентуални разговори со нашиот сосед – рече Муцунски на заедничката прес-конференција со Радман.
Осврнувајќи се на билатералните односи со Хрватска, Муцунски ја повтори оценката дека двете држави имаат одлична соработка и пријателски односи во сите области, без отворени прашања.
Тој информираше дека во тек се разговори за финализирање процес за воспоставување стратешко партнерство меѓу двете земји.
-Ние сме пример за добра билатерална соработка која постојано се надградува. Очекуваме во следниот период да сме блиску до договор за стратешко партнерство во повеќе области – економијата, трговијата, безбедносната и политичката соработка, енергетиката. Во делот на европските интеграции, Хрватска ја вбројувам во земјите кои се наши принципиелни поддржувачи. Има многу што поддржуваат, но помалку што принципиелно подржуваат. На Хрватска треба да гледаме како на наш ментор во евроинтергативниот процес и од политичка, но и од техничка гледна точка, зашто и имаме многу активни проекти кои јавноста не секогаш ги гледа, а ни помагаат на европскиот пат – подвлече Муцунски, кој е домаќин на хрватската делегација предводена од министерот Радман.

































