Меморандум за разбирање меѓу македонското Министерството за здравство и унгарското Министерство за човечки ресурси за соработка во областите на здравството и медицината за периодот 2022-2026 година – потпишаа денеска ресорниот министер Беким Сали и амбасадорот на Република Унгарија, Ласло Иштван Дукс.
Меморандумот, како што објави на својата фејсбук страница Министерството за здравство, е потпишан со цел подобрување на квалитетот и достапноста на човечки, материјални и инфраструктурни ресурси во здравството.
Со Меморандумот за разбирање е предвидено двете министерства да соработуваат во повеќе приоритетни области како што се: организација и модернизација на системите за здравствена заштита и здравствено осигурување; законодавство во областа на здравството; здравствена промоција и превенција во областа на хроничните, незаразни болести. Во рамки на Меморандумот, предвидена е и организација на заеднички работилници, како и меѓусебна размена и обука на лекари, посочуваат од Министерството за здравство.