Поттикнати од сведоштвата на очевидците од локалното население за состојбите со рибокрадството во Охридското Езеро, тема за која имаме пишувано повеќепати изминативе години, решивме да продолжиме да ја истражуваме темата и натаму. За таа цел формиравме три групи кои на три различни локации ги регистрираа случувањата со цел да се фрли нова светлина за оваа горлива тема. Но овојпат, ќе се обидеме низ една сосема различна новинарска форма, преку една новинарска репортажа, да го вклучиме алармот кај надлежните, а воедно да ја подигнеме свесноста кај читателите и воопшто, кај граѓаните за нешто бесценето што го имаме, а го губиме пред нашите очи, благодарејќи на нашата заедничка негрижа и неодговорност…
Ден по Василица, рани мугри, сонцето уште не изгреало целосно, но првите зраци полека се пробиваат на хоризонтот. Мирно езеро, чисто небо, полека се разденува. Од другата страна над брегот се исперчила Јабланица. Под снег е кај хоризонтот и нѐ потсетува кое време сме. Измаглица се крева над езерото… Нашите екипи поделени во три групи се упатуваме кон местата на кои треба да добиеме визуелна потврда за она за што отворено ни се зборува и укажува. Добро, ние веќе пишувавме во весникот по којзнае кој пат. Но, изгледа дека оние што се задолжени да реагираат и да ја спречат оваа појава – ништо не читаат, не гледаат, не слушаат, а ниту пак зборуваат.
Доаѓаме кон местата од кои најдобро се гледаат локаците кои на старите охридски и пештански рибари им се познати, токму каде што се мрести охридската пастрмка. На точно одредени места, во точно одредено време. И така со векови. Рибарите периодот на мрест го нарекле во нивниот жаргон „Татиљ”. Чуден, интересен збор, локален, дел од рибарскиот таен јазик. Збор кој означува времето на зима, кога се мрести пастрмката – летница, охридскиот драгоцен камен од круната. Рибата што сите ја знаат, сите што и се восхитуваат, но исто така и риба која неповратно исчезнува благодарение на луѓето кои точно знаат каде е летницата и белвицата за време на „татиљот”.
И повторно тој збор татиљ, кој при секое спомнување асоцира на катиљ, зборот со кој можат да се окарактеризираат луѓето кои ги очекуваме кришум и крадешкум да дојдат на локациите за мрест на пастрмките и да ги искажат своите џелатски афинитети. Нашите екипи се разместуваат на договорените локации. Заседи како кога се чека смртниот непријател. Утринската тишина ја пробива далечен звук на моторен чамец, нечија пента се доближува кон точно одредената област во езерската шир. Звукот станува се погласен, а ние иако сме на брегот, се затскриваме уште подлабоко во крајбрежјето, за да можеме да го посведочиме масакрот што го најавува брчењето на пентите. Не можеме да ги спречиме, но нашата задача е да ги регистрираме.
Набргу наближува уште еден чамец, а истата слика е и на другите локации. Грабливците се собираат на местата каде што пастрмката, во занесот на љубовниот танц станува беспомошен плен. Пастрмката тогаш се мрести и таа практично со повикот на природата и инстинктот да го продолжи својот вид, игнорира се околу себе. Таа плашлива сребрена убавица, посипана со црни и црвени дамки, како македонска везилка од песните на Конески, која опстојува и се бори со векови, токму на овие наши простори, сега станува жртва. Ви звучи познато?! Во еден момент, како по команда, се гаснат моторите, а со веслање се приоѓа на местото на злосторот. Со уиграни движења се креваат мрежите во чамците, во очекување богат улов. Нашите екипи, беспомошни од брегот, можат само да фотографираат, да го документираат масакрот на пастрмката што се најавува. Можеби подобро речено, геноцидот на пастрмката.
Влечат рибокрадците, влечат, но за среќа, а за нивна несреќа, овојпат уловот им беше исклучително „посен“. Си заминаа со полупразни кошари.
Но, тоа не е крај на нашата сторија. Чамците не се враќаат директно назад кон нивното сидриште, туку одат кон затскриените локации на брегот каде што повторно ги следиме од безбедна далечина. Кога наближивме до местото каде што се упатија, моравме да подзастанеме со нашето возило, бидејќи таму веќе имаше група луѓе со своите возила, кои кога наближија чамците искокаа набрзина од своите автомобили и комбиња и истрчаа на брегот. На импровизираната платформа набргу се сретнаа рибокрадците и луѓето кои ги пречекаа. Подоцна дознавме дека станува збор за дел од сопствениците на рестораните во крајбрежјето кои дојдоа да се снабдат со свежа риба. Но, кога пристигнаа чамците, ни едните ни другите не можеа да го сокријат своето разочарување. Сиромашниот улов не беше доволен да ги задоволи барањата на кафанџиите, а од друга страна и грабливците останаа без планираната и посакувана заработка. Наместо тоа, со скиселени лица и едните и другите си заминаа од местото на нивната средба.
На тој начин се потврдија нашите сознанија добиени од познавачите на состојбите во Езерото, имено дека рибниот фонд неповратно се намалува, најмногу поради интензивното рибокрадство, но и поради загадувањето на езерските води и негрижата на надлежните за спречување на овие девијантни појави и соодветна рехабилитација на водата и живиот свет во неа.
За разлика од рибокрадците, нашите новинарски екипи имаа добар улов, како и изминатите денови, па направија бројни фотографии и комплетно ја документираа ситуацијата. Резултатот на тоа е пред вас.
Но, тука ние не застануваме. Деновиве пред нас, ако не послужи времето, веќе сме договорени со екипа искусни нуркачи од Охрид да се спуштиме до местото каде што се мрести пастрмката, да го регистрираме дивиот лов, мрежите на смртта и масакрот, геноцидниот лов на пастрмката, но и на белвицата. Ќе се обидеме да ги снимиме мрежите на местото на злосторот.
Сакаме да ја алармираме јавноста, па дури и оние надлежни кои не сакаат или не можат да ја видат фактичката состојба да ги добијат аргументите на увид. Нашата мисија продолжува. Е.Н.М.