Фото: Влада

Во Охрид

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со владина делегација во која има десетина министри пристигна во Охрид каде што ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски, а ќе се одржи и меѓувладина седница.

Орбан беше пречекан со високи државни почести на Охридскиот аеродром.
Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
Во Охрид се преземаат неопходните безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ е забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.

Фото: Влада

Дислоцирани се и возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“.

Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачи тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.

Заедничка меѓувладина седница на Македонија и Унгарија ќе се одржи денеска во Охрид откако претходно премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан ќе одржат тет-а-тет средба.