Поројниот дожд предизвика прекини на сообраќајот откако поплави повеќе патишта низ земјава, според информациите од надлежните служби и медиумите.
Целосно оневозможено е движењето на патниот правец Прилеп – Росоман после Плетвар, поради одрони и поплавување на патот. Состојбата е алармантна кај местата на изградба на новите тунели кај Фариш. Има и свлечиште кај Плетвар, а екипите работат на расчистување, додека автомобили се заглавени на патниот правец Прилеп-Градско.
– Кај Плетвар, пред тунелите има свлечиште и одрон на карпи. Се преземаат мерки за расчистување – информираат од АМСМ.
Сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп од утринава е во целосен прекин поради обилни врнежи од дожд и излевање на Раечка Река, кај село Раец. Како што информира АМСМ, на клучката кај местото викано „Мотел Дреново“, на коловозот има големо количество вода.
– Поради излевање на Крива Река, во прекин ќе бидат локалните патишта од Крива Паланка кон село Варовиште и село Градец. Исто така, во село Пчиња, Кумановско, има собрани дрвја и гранки под мостот на реката Пчиња, со што е намален протокот на реката, па постои опасност од излевање и оштетување на мостот – се наведува во соопштението од АМСМ.
Продолжува неповолната хидролошка состојба и во Делчевско. Новите поројни дождови кои вчера ја зафатија територијата на Општина Делчево оштетија дел од локалната патна мрежа во делчевското село Драмче каде од надојдените води е поткопан мостот кој минува низ селото, а поплавени се неколку вили и помошни објекти.
– Беше страшно, огромна водена маса течеше по патот и сврте лево од мостот кој исто така беше зафатен од надојдените води. Низводно има викендички и други објекти кои исто така беа загрозени од невремето – информира жител на селото.
Поради изливање на речното корито предизвикано од невремето кое го зафати Кавадарци, се замолуваат граѓаните да бидат внимателни и да не сообраќаат поради непроодност на патот кон селата Раец, Фариш и кон Прилеп, односно кај мотел Дреново, апелираше градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, преку Фејсбук.
Тој додаде дека на терен, на повеќе локации, интервенираат служби од Мој Општинар, ТППЕ Кавадарци и ЈП Комуналец.
Оттаму појаснуваат дека обилниот дожд предизвика големи оштетувања на колекторот каде што се работи веќе некое време, кај мостот на Северен булевар. Се известуваат сите граѓани кои имаат било каков проблем да се јават во кол-центарот на Општина Кавадарци на бројот 13 300.
По синоќешните поплави во Крива Паланка предизвикани од големото невреме и поројните врнежи од дожд, денеска на терен се распоредени сите екипи од општинските служби, од ЈП Комуналец, ЈП Македонија пат и останати за санирање на штетите, расчистување на наносите и утврдување на состојбите на терен.
Отсечен беше комплетно патот кон село Луке, којшто екипите на Македонија пат во текот на вечерта и утрово го оспособија и се одвива сообраќај во една лента, а патот кон селото Трново каде се однесени пропустите, се уште е надвор од функција и селото е отсечено.