Коле Манев
Не знам дали некој знае која е причината за поврзаноста меѓу морето и човекот? Морето како и океаните служат за комуникација со други држави или континенти, од морето и океаните се црпат енергетски ресурси многу потребни за опстанокот на човекот. Пред сто години или помалку се појави туризмот, од што луѓето почнаа да се селат од едната страна на планетата земја сѐ до другата.
Во која било состојба да се наоѓа морето убаво е да се биде покрај брегот, сеедно дали брановите или широката површина од вода создаваат волшебно чувство.
Македонија нема море, сигурно од тие причини голем дел од нашите граѓани во летниот период се упатуваат кон Бело Море или Егејско море. Ми стана навика да одам кон југот, а оваа година чувствував поголема потреба од едно такво патување. Можеби од многу стоење пред штафелајот се чувствував истоштен, па од тие причини решив да заминам кон југот. Првичната идеја ми беше да посетам бања близу Воден, но од икс причини го променив планот и се упатив кон Халкидики каде што има друга бања. Во близината на бањата најдов и место за спиење што многу ми одговараше. Плажата не многу широка, но долга неколку километри, добар простор за пешачење и за време на престојот неколкупати ја посетив бањата, некои велат море-бања тоа било здраво за организмот, што би се рекло на крајот секој си го наоѓа своето место.
Во просторот каде што се сместив имаше туристи од Скопје, Велес, Битола некои и од Тетово, имаше и од Бугарија, од Србија можеше да се видат и коли од Грција малку подалеку имаше и возила од „поважните“ европски земји. На местото каде што ја ставав лежалката од мојата лева страна со својот прибор седеше госпоѓа Вера со своите ќерки и внуци, имаат и мало кученце. Вера и компанија се дојдени од Скопје. Од десната исто Македонци од Велес, понатаму тие од Битола и од Тетово и двете фамилии држеа мали кученца врзани за каиш. Кога покрај брегот ќе поминеше некој „странец“ што носеше куче, другиве, „нашиве“ ќе истрчаа кон него во стилот на галење и кучешка игра.
По секое капење ќе легнев на лежалката ќе земев книга и читав. Прочитав неколку страници од книгата „Портретот на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд. Дали од читањето или од капењето заморот ме совлада и не осетив кога книгата ненадејно или спонтано ми падна врз рамото.
По некое време осетив силна топлина по телото, свежото ветерче, кое постојано дувкаше од морето, како да го снема, едноставно исчезна. И не само свежото ветерче, туку и морето почна да се намалува, се чинеше како некој да го шмука и за кратко време на местото каде што беше морето сега се направи голема длабока празна површина. Од далечината се слушаа лаежи на силни и големи кучиња, лаежите често исчезнуваа за потоа повторно да се јават. Кон празнината каде што пред некое време стоеше морето сега во мала бразда течеше вода со црвена боја. Внуците на Вера со смеење заедно со нивните пластични играчки се скрија во една пештера, која кога морето беше тука таа не се гледаше. По ридот каде што се наоѓаат бачилата за кози се појави колона од луѓе облечени во воени униформи од пред неколку века, во рацете вртеа овални сабји, кои можеа да сечат глави раце или нозе како да беа направени од челик за брич. Носеа колорирани знамиња, нивните шлемови и штитови блескаа на зраците од сонцето, потоа се скрија зад црн густ чад што доаѓаше од штотуку запалена шума, каде што црвените пламени од огнот се издигаа силно угоре кон небото.
Во длабнатината од празнината каде што беше морето се појави друга група на војници, облечени во поинакви униформи, стотина од нив го влечкаа морето кон истото место каде што си беше порано, чиниш водата е направена од гума.
Внуците на Вера излегоа од пештерата трчајќи и со смеење застанаа покрај брегот продолжувајќи да си играат во плитките бранови од надојденото море.
Кои се овие што се осмелија да го крадат морето, нели морето е наше, не само наше, морето е на секој што сака да дојде да се разлади во свежината и чистиот воздух, кои морето ги нуди, се запрашав и потврдив себеси?
Од зад црниот чад што сѐ уште се влечкаше низ просторот се појави човек облечен во црна мантија, во рацете носеше некаква географска карта на која покрај другото пишуваше Халкидон! Во средината од картата беше означен градот Македон. Не бев сигурен, но човекот ми заличи на Чупоски! Од левата моја страна се слушна силен тропот на галоп од коњи, се појавија група коњаници облечени во црнотемни алишта. Тие протрчаа покрај брегот, а еден од нив со сабјата вешто ја исече картата што ја држеше Чупоски во раце, се упатија кон запалената шума каде што беа стационирани, поставени другите три војски!
По кратка расправија меѓу нив, дојде до жесток судир меѓу едните и другите, од што изгорената темна шума се обои во црвена боја. Црни орли летаа околу бојното поле каде што имаше во изобилство храна за нив. За тоа време Чупоски од пазувата изнесе уште една карта, како таа претходната, им ја покажа на војските и средниот прст од десната рака го подигна угоре, односно во преден план. За тоа време врз мене осетив една ладовина, која неизмерно ме освежи и однадвор и однатре.
– Господине, станете, при вакво сонце на плажа не се спие – ме предупреди Вера. – Моите внуци Никола и Даме кога ве видоа колку сте црвен, ми рекоа: „Бабо човекот што лежи таму ако не го покриеме со нешто ќе изгори, види колку е црвен, жар е“.
– Искрено ви благодарам госпоѓо Вера, исто и на вашите внуци, читајќи заспав и сонцето денес е многу јако.
Пред да се втурнам во морето погледнав во околниот пејзаж да видам дали има некои траги од тоа што го сонував? Сега не забележав ништо, можеби порано имало и се случиле вакви настани.