Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во врска со работата на Македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања нагласи дека политиката нема право да се меша во академската слобода, а обврска на членовите на ова тело е да дебатираат и да носат заклучоци, засновани на научни методи.

-Една работа која што ја кажав уште на почетокот на нашиот мандат е дека политиката нема право да се меша во академската слобода. Обврската на членовите на таа комисија е да дискутираат, дебатираат и ако успеат да донесат некои заклучоци врз основа на нивните научни познавања. Така што, политиката ги има тргнато рацете, откако Владата ја предводи премиерот Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија – рече Муцунски на денешната прес-конференција во Владата со потпретседателот на ЕИБ, Роберт Де Грот, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на изјавата на бугарскиот копретседавач на Комисијата, Ангел Димитров дека Комисијата стагнира во своето работење.

Муцунски нагласи дека ниту имаат направено притисок, ниту влијаат, нешто што, како рече, за жал се случувало во минатото, а за кое коешто има сведоштва од членовите на Комисијата во тоа време.

-Јас доколку навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, а верувајте имам личен став како човек, односно многу работи што тој ги кажа во последниот период, тогаш веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува, да го политизираме тој процес. Јас единствено што можам да повторувам и често го кажувам тоа и како поединец којшто доаѓа од академската средина е да си работат како научници во рамките на таа Комисија – додаде Муцунски.

Министерот посочи дека има различни толкувања за одредени состојби од двете страни, но, како што истакна, ги оставаат академските работници независно да дебатираат, дискутираат и доколку успеат да дојдат до заклучоци.

-Ние не смееме да правиме какви било притисоци, ниту со наше толкување на фактите, ниту со поставување какви било временски рамки. Тие имаат слобода да работат онака како што сметаат дека е најдобро, одговори Муцунски.

Димитров за БНТ изјави дека Комисијата „е еден вид алиби во моментално многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“ и додаде дека смета оти нејзината работа во моментов стагнира.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања минатата недела во Скопје ја одржа 38. редовна средба, согласно годишниот план за работа.

-За време на средбата од македонска страна беа доставени новите учебници за Историја и општество за V и VI одделение. Со оглед на новата реалност на средбата се разговараше околу идниот пристап и методологија во однос на дискусиите околу учебниците. Дискусијата по оваа тема ќе продолжи на следната средба – соопшти македонскиот тим во Комисијата.

На средбата бил потпишан записникот од 31. средба и продолжило усогласувањето по записникот од 32. средба.

-Нагласуваме, македонскиот тим низ својот проактивен пристап за градење на доверба, продолжува кон изнаоѓање на одржливи решенија, врз основа на взаемно почитување на сувереното право на другиот за различна перцепција кон минатото – стоеше во соопштението.

Следната средба ќе се одржи во првата половина на декември во Софија.