Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“ во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средби со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство ги стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што и самиот вели, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.
Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (8)
И така, во 1978 година, некаде во мај, пак бев избран, по третпат, за член на СИС. Ме избраа и за претседател на Комисијата за координација на соработката со ЕЗ и ЕФТА. Направив две стручни екипи: едната за соработка со ЕЗ, другата со ЕФТА. Седиштето на ЕФТА беше во Швајцарија, на ЕЗ во Брисел. Побарав од Владата да ми усвои список на експерти и функционери од Сојузниот секретаријат за надворешни работи, сојузниот секретаријат за надворешна трговија, сојузниот секретаријат за финансии, за индустрија и трговија, за социјална политика и труд и земјоделство. Тоа беше потесен состав. Во поширокиот состав влегуваа експерти од Народната банка, од Сојузната стопанска комора, од Туристичкиот сојуз на Југославија итн.
На тој начин обезбедив, особено во односите со ЕЗ, секој мој потег да биде добро проверен стручно и да има поддршка од средините од каде што потекнуваа тие експерти. Соработката со ЕФТА одеше многу полесно. Таму соработувавме само со Секретаријатот за надворешна трговија, Сојузната управа за царини и Сојузниот секретаријат за финансии.
Прва задача ми беше да го проучам предлогот што штотуку пристигна од Брисел за основите и постапката за преговорите за склучување договор за трговија и соработка меѓу ЕЗ и Југославија.
Првото прашање беше како да се однесуваме спрема условот што претходно го поставуваше ЕЗ, а тоа беше мандатот што на делегацијата за преговори од страна на ЕЗ ѝ го одобруваа Извршната комисија и Советот на ЕЗ, што мора да биде основа на преговорите. Ние можевме да имаме приговори на тие услови, но не можевме да имаме преговори ако не се согласувавме на преговорите основа да биде мандатот на ЕЗ. Тоа беше клучно прашање бидејќи кај нас постоеше убедување дека ние можеме да преговараме за сѐ и нашиот збор честопати да биде и пресуден. Таа атмосфера беше создадена особено од нашата позиција и улога во движењето на неврзаните, а Тито лично имаше добра позиција за преговори без диктат и со САД и со Велика Британија и со СССР. Притоа, Југославија беше придружен член на СЕВ, Совет за економска соработка, каде што членуваа сите источноевропски земји.
Во тие услови моравме да ги расчистиме сите правни аспекти и сите политички прашања и да утврдиме дали во Југославија постојат расположение и волја да водиме преговори врз основа на мандатот што е утврден од органите на ЕЗ или не прифаќаме таков услов, туку однапред бараме да имаме рамноправен предлог во преговорите. Од сите консултации што ги имав, а за тоа разговарав со сите сојузни министри, со претседателот на СИС и со моите неколку многу влијателни пријатели во државата, како што беа Сергеј Крајгер, Петар Стамболиќ, особено Владимир Бакариќ, во групата се договоривме за следниот заклучок: Југославија прифаќа да води преговори за склучување спогодба за трговија и соработка врз основа на мандатот што е утврден од страна на надлежните органи на ЕЗ, а притоа го задржува правото за секое поединечно прашање да го изнесе и својот став.
Така сакавме да постигнеме посебен впечаток и во домашната и во светската јавност дека ги почитуваме нормативите на ЕЗ, ама и преговорите и спогодбата сепак ќе имаат и елементи на суи генерис со кои ќе биде одредена активната улога ние да предлагаме решенија.
Го испратив тој предлог до сите сојузни органи, до надлежните тела во соборите на Сојузното собрание, како и до други надлежни институции: Народна банка, Стопанска комора и др. и барав од сите адреси писмен одговор во кој ќе се содржи ставот на тој орган, дали се прифаќа мојот предлог или не или имаат некоја сугестија за дополнување или измена. Откако ги присобрав ставовите на сите тие органи, изготвив информација и прилог на известувањата од сите нив до Владата на Југославија да го прифати начинот на преговарање и сите други дополнителни сугестии. На Владата имавме широка расправа и предлогот беше поддржан од сите членови.
Тогаш напишав официјално писмо до шефот на делегацијата за преговори на ЕЗ со Југославија, потпретседателот на Извршната комисија Вили Хаферкамп, и врз таа основа ја закажавме нашата прва средба, во средината на јуни 1978 година. Средбата траеше речиси цел ден и на крајот се договоривме за заедничко соопштение. И Хаферкамп и јас пред новинарите изјавивме, меѓу другото, дека преговорите меѓу ЕЗ и Југославија ќе ги водиме врз основа на мандатот што го утврдиле Комисијата и Советот на министрите на ЕЗ, како и за нашите предлози во одделни поглавја од договорот. Имаше многу новинари од разни земји-членки на ЕЗ, а имаше и новинари од неколку југословенски телевизии од Белград, Загреб, Љубљана, Сараево. Не забележав дека имаше учесник од македонската телевизија или радио.
Приквечер, околу 18 часот, полетавме од Брисел за Белград. Кога стигнав дома, Марија ме запраша што сум направил во Брисел. Ѝ објаснив, а таа ми рече дека белградската телевизија соопштила оти министерот за надворешни работи, Јосип Врховец, изјавил дека Југославија по никоја цена нема да води преговори со ЕЗ врз основа на мандатот утврден од нејзините институции.
„Нели ова е спрoтивно?“, ми рече Марија. Ѝ потврдив, ама и бев збунет што значи тоа. Не ми беше јасно. Неколку дена минаа откако Веселин Ѓурановиќ ме повика на разговор и ми даде писмо што му го испратил Јосип Врховец. Во писмото стоеше дека со прифаќањето преговори врз основа на мандатот утврден од органите на ЕЗ сум го напуштил нашиот темелен став и сме ѝ свртиле грб на нашата неврзана политика, а исто така, сме ги заостриле односите и со источноевропските земји. Мојот истап Врховец го образложил како опасно спротивставување на официјалната југословенска надворешна политика и од Ѓурановиќ бараше тој од мене итно да бара оставка, а ако не ја дадам – итно да упати писмо до Сојузното собрание со предлог да бидам разрешен од членството во Владата.
(Утре: „Во НАТО размислуваат за некој можен повик од ’здрави сили‘ од Југославија“)