Целта е да ја трансформираме нашата економија за да биде поконкурентна, прво дома, а потоа и надвор. Движењето на економијата ќе биде засновано на силен бран јавни инвестиции, директни домашни и странски инвестиции и, најважно, на иновации во сите сектори, се вели во првото поглавје од предлог-програмата на Владата, насловено „Трансформација на економијата (МК рестарт) за забрзан раст и повисок стандард“
При поднесувањето на предлог-програмата на Владата во Собранието, мандатарот Зоран Заев изјави дека во претходниот мандат бил насочен кон решавање прашања од надворешната политика на Македонија, но во наредните четири години попосветено ќе работи на внатрешните предизвици во земјата, пред сѐ на развојот на економијата. Токму првото поглавје од предлог-програмата на Владата е насловено „Трансформација на економијата (МК рестарт) за забрзан раст и повисок стандард“.
– Нашата цел не е Владата да биде само успешен менаџер во криза туку брзо да ја пребродиме кризата и да се вратиме на патот на растот и развојот, на спроведување на суштинските политики за што пократко време и да се подготвиме за „новата нормалност“ по ковид-19, со трасирање на европскиот пат со реформски политики и забрзан, инклузивен одржлив раст, со цел на среден рок унапредување на животниот стандард и квалитетот на живот на граѓаните на нивото на ЕУ.
Фокусот планираме целосно да го насочиме во спроведувањето на клучниот процес на трансформација на нашата економија. Со влезот во НАТО-алијансата и почетокот на преговори за членство во Европската Унија, конечно влегуваме во друштвото на најразвиените, најбогатите и најспособните. Влегуваме на заедничкиот европски пазар со нова сила и нови шанси. Владината цел е да ја трансформираме нашата економија за да биде поконкурентна, прво дома, а потоа и надвор. Движењето на економијата ќе биде засновано на силен бран јавни инвестиции, директни домашни и странски инвестиции и, најважно, на иновации во сите сектори, за значително да се зголемат продуктивноста, квалитетот и додадената вредност на производите и услугите. Дигитализацијата станува суштински процес за економијата да стане поефикасна, квалитетот на животот повисок, а резултатите ефективни. За да биде успешна трансформацијата на нашата економија во динамична, отворена и конкурентна, нудиме стабилна макроекономска рамка, во која даночниот систем ќе биде предвидлив, ефикасен, праведен и сериозно ќе ја намали сивата економија и ќе ги поттикне приватната иницијатива и инвестиции.
Значително ќе го зајакнеме капацитетот за реализација на јавните инвестиции. Капиталните инвестиции ќе бидат генератор на јавната инвестициска потрошувачка за да се фокусираме целосно на огромниот потенцијал на домашната потрошувачка и инвестиции. До крајот на мандатот ќе ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив раст од 4 проценти. За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата во висина од 14.500 денари. По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: 1) раст на минималната плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 отсто и 2) раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија. Износот на странските инвестиции го планираме на ниво од најмалку една милијарда евра за четири години, со фокус на оние базирани на иновации, висок степен на финализација на производи и услуги и одржливост на бизнисите – се наведува во програмата.
Понатаму во владината програма, претставена на 54 страници, наведени се поглавјата: „Заедно ќе го победиме ковид-19“, дел во кој се посочуваат планираните мерки и активности за борба против пандемијата. Во поглавјето „Грижа за сите“ акцентот е ставен на социјалната политика, при што се вели дека „во битката против сиромаштијата има многу конкретна задача: да се намали стапката на сиромаштијата под 16 отсто, со посебен акцент на детската сиромаштија“.
Во делот насловен „Ред и правда“ се наведуваа ветувања за: функционална правна држава, стоп за злоупотреби („Корупцијата и политичките злоупотреби се најголеми непријатели на граѓаните и институциите“), модерна и ефикасна администрација: повеќе систем, помалку бирократија, еднакво општество за сите.
Во програмата, меѓу другото, има и дел за заштита на животната средина и зелен развој.
– Ќе ги заостриме казните само во областа на заштита на животната средина поради лошото искуство од неажурност на институциите и бирократско водење на постапките. За оние што незаконски ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето поради профит ќе има и кривична одговорност. Секој што ќе биде констатирано дека ги прекршил правилата и процедурите ќе ги изгуби лиценцата и дозволите поради неодговорно однесување и неисполнување на законските обврски.
Во 2021-та ќе го донесеме Законот за индустриски емисии и од 2023-та ќе обезбедиме меки кредитни линии за набавка на опрема и нови технологии за намалување на загадувањето на животната средина за малите, средните и големите капацитети. За истата таа ќе обезбедиме и даночни олеснувања при увоз.
Во областа на енергетиката, Владата има амбициозен план до 2024 година, над 50 отсто од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава да биде од обновливи извори на енергија.
– Ќе ја зацврстиме нашата енергетска независност и стабилност со нови производствени капацитети на електрична енергија и нови енергетски интерконекции со нашите соседи. Паралелно со тоа, ќе ги намалиме емисиите на штетни гасови од енергетските извори за над 20 отсто… Во рамките на регионалните депонии ќе поттикнеме изградба на станици за селекција на комуналниот отпад и користење на отпадот за производство на електрична енергија со повластена цена и со гарантиран откуп на произведената енергија – се вели во програмата.
Завршната поента на програмата е насловена „Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ“, каде што се истакнува дека „без безбедност нема развој“, а меѓу ветувањата поврзани со одбраната се наведува дека „за воспоставување одржлив систем на одбраната ќе продолжиме со стабилно финансирање на одбраната и достигнување на 2 отсто од БДП за одбранбениот буџет до 2024-та, преку пораст за 0,2 отсто од БДП секоја година“
Во однос на „Следната цел: членство во ЕУ“, се вели: Паралелно со решавањето на билатералните прашања и продлабочувањето на регионалната соработка, се зафативме со длабоки внатрешни реформи во најкритичните области на владеењето на правото и изградбата на функционална демократска држава – реформа во правосудството, реформа на јавната администрација, реформи во безбедносните служби и борба против организираниот криминал и корупција. Целта на политиките на Владата е да ги донесеме европските стандарди и вредности дома и да им овозможиме на граѓаните европски начин на живот.
Во проекциите за развој на дипломатијата во програмата е наведено дека ќе се фаворизираат е-амбасади.
– Ќе ги дигиталитизираме услугите на нашите сограѓани што патуваат надвор од земјата или се на привремен и постојан престој надвор од државата, преку воведување апликација „е-амбасада“, за нашите ДКП-а навремено да им излезат во пресрет на потребите и на барањата на нашите сограѓани – е наведено во предлог-програмата за работа на новата влада.