Средба Димитров – Лииметс

Работната посета на Естонија, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров утрово во Талин ја започна со средба со министерката за надворешни работи Ева-Мариа Лииметс.

Димитров и Лииметс разговараа за клучните аспекти од европското досие на Северна Македонија со фокус на можностите за што побрз пробив на евроинтегративниот пат, за што Естонија конзистентно изразува поддршка.

– Естонската приказна е многу успешна и Северна Македонија може и треба многу да научи од пријателска Естонија. Естонија е пример за тоа како една земја може да се развие и напредува, искористувајќи ги сите расположливи капацитети. Денес, во Талин, од мојата колешка Ева-Марија уште еднаш добив уверување дека Естонија ќе продолжи безрезервно да нè поддржува во процесот на европеизација на нашето општество – изјави Димитров.

Тој напомена дека Северна Македонија направи големи чекори во последниве години, како на реформски план, така и во однос на затворањето на тешки билатерални прашања. Токму поради тоа, се очекува и Европската Унија конечно да ги исполни своите ветувања. Тој додаде дека шансите за ревитализирање на политиката на проширување на ЕУ се во македонскиот случај, кој претставува вистински тест за сериозноста на Унијата и нејзиното влијание во регионот.

Министерката Лииметс ја реафирмираше принципиелната поддршка за европската иднина на нашата земја и спремноста за споделување на успешното естонско евроинтегративно искуство. Таа нагласи дека е неопходно Европската Унија доследно да ја примени новата Методологија за пристапување и да ги разгледа сите можности за што поскоро да се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија.

Воедно, на средбата соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу земјите преку техничка и експертска поддршка, особено фокусирајќи се на споделување на естонските искуства од процесот на дигитализација.


Османи се сретна со амбасадорите од неформалната група Ц5

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се сретна со амбасадорите на земјите членки на ЕУ од неформалната група Ц5 на Централно европските држави во кој влегуваат: на Австрија – Георг Вуцас, на Словенија – Милан Предан, на Чешка – Мирослав Томан, на Словачка – Хенрик Маркуш и на Унгарија – Ласло Дукс; овие амбасадори ги преставуваат земјите членки на ЕУ од неформалната група Ц5 – Централно европските држави.

Предмет на разговор беа тековните теми со ЕУ предзнак, претстојните ЕУ Совети на министрите за надворешни работи и за европски прашања на кои ќе се отвори стратешка дискусија за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и кои ќе послужат како подготовка за состаноците во јуни. Исто така, се отвори темата и за процесот на имунизација како и чекорите кои ќе обезбедат можност за послободно прекугранично патување, особено за време на летните месеци.

Заеднички беше констатирано дека регионалните формати на поблиска соработка, како помеѓу земјите членки на ЕУ, така и во регионот на Западен Балкан, нудат поволна можност за продлабочена координација особено со справување со заеднички предизвици како што е моменталната пандемија. Земјите од Централна Европа се наоѓаат во непосредно соседство на Западниот Балкан и се блиску поврзани, особено од економски аспект. Оттаму потребно е да се разговара за креирање на заеднички мерки и механизми подржани од ЕУ кои ќе го олеснат справувањето со предизвиците со кои се соочуваме. Последен таков пример на координирана соработка е ЕУ механизмот за вонредна набавка на вакцини потпомогнат од страна на Австрија, преку кој земјите од регионот од оваа недела започнаа да ги добиваат обезбедените 651.000 дози вакцини од кои 119.000 за нашата земја.