На овие простори и особено во Македонија, од памтивек се одомаќинила и останала изреката да му црне козата на комшијата, како своевиден шегобиен показател за меѓусоседските односи, кои, нели, не секогаш се идеални и хармонични. Во тој контекст, како своевиден куриозитет поврзан со пописот, граѓани реагираат дека пред врата им дошол првиот „душман“, соседот, како попишувач
Статистичката операција зачинета со меѓусоседски сопки и интриги
Пописот на населението, домаќинствата и становите влегува во последната завршна фаза на терен и тоа беше доволен сигнал за надлежните веќе да се пофалат дека операцијата се одвива успешно и дека Македонија конечно ќе се преброи по две децении.
Иако во најголем дел пописот се одвива без проблеми, некои од граѓаните се соочија со еден куриозитет својствен на менталитетот на Македонците, пред врата да им се појави „првиот душман“, соседот попишувач, со кого како по некое непишано правило речиси секогаш се во кавга. Не попусто кај нас се одомаќинила и останала изреката да му црне козата на комшијата. Ама што сега, кога токму комшијата ви доаѓа во улога на попишувач и треба пред него да изнесете сѐ на виделина.
Тоа ги става во незгодна ситуација граѓаните што не сакаат воопшто и да разговараат со соседот, а уште помалку да му ги кажуваат податоците за својот имот, примања, вработување и слично. Поради тоа се принудени или воопшто да не му отворат врата, со што ризикуваат казна, или, пак, да мораат неволно да прекршат два-три збора со него додека инсистираат на друг попишувач.
Во незгодно се и попишувачите, кои треба да тропнат на врата на човекот со кој не прозбореле со години, а единствените зборови што претходно ги размениле биле понекоја навреда или закана.
Од Државниот завод за статистика истакнуваат дека не воделе сметка за вакви несакани меѓусоседски средби, туку повеќе се концентрирале на тоа луѓето што попишуваат добро да ја познаваат областа и луѓето каде што ќе попишуваат.
Несомнено зад сето тоа стои една поинаква стратегија на статистичарите, точно да знаат кој вистински бојкотира, кој се крие, а кој навистина не е дома, оти соседот секогаш најдобро знае каде и кога се движи првиот комшија, што има за ручек, каде му е паркиран автомобилот, кога е на работа, така што не може да поминуваат изговори од типот „не сум бил тука“, „никој не ми заѕвонил на врата“ или „на одмор сум“.
Токму за еден ваков куриозитет раскажува скопјанката Вера Николовска, која на петтиот ден од пописот се соочила лице во лице со оној, како што вели, „кого не сака да го сретне ниту на пат“.
– Знаев дека порано или подоцна ќе дојдат попишувачи и ги очекував. Тоа и се случи по една недела од почетокот на пописот и кога сакав да си ја завршам својата граѓанска должност, на вратата ми се појави соседот со кого немам прозборено 10 години. Трипати бев на суд со него оти над мојот стан изгради дивоградба проширувајќи си ја гарсониерата. Како што го откри покривот, така мене и ден-денес ми тече по секој поголем дожд. Викав инспекција, се жалев во Општина, но никакво фајде. На крајот завршивме и на суд. Сега истиот тој дојде дома да ме попишува. Само му ја треснав вратата – вели Николовска.
Според неа, сега чека да ѝ дојде нов попишувач и да си ја заврши својата обврска кон државата, оти нема намера претходниот да го прибира дома и да му дава податоци.
– Нема никаква шанса на првиот душман да му кажувам колку пари земам, колку имот имам, едноставно не сакам ни добро утро да му кажам. Којзнае што запишал во извештајот, веројатно дека бојкотирам само да ми пишат казна. Требало малку да се раштркаат попишувачите, да не попишуваат во истата зграда каде што живеат, оти нема човек што не е скаран со некого во зграда – нагласува Николовска.
Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, смета дека е најдобро кога соседот го покрива пописниот реон, истовремено поучувајќи ги граѓаните да не се караат со соседите.
– Најдобро е кога попишувач е соседот таму, тој го знае крајот, нема да промаши ништо, најголем дел од луѓето се познаваат, лесно може да добие информација, тоа е најубавиот момент да се биде сосед. Тоа што некој се расправа со соседите, тоа е негов проблем. Таа личност е сега службено лице, не само сосед. Тоа е исто како да ви дојде полицаец, а вие не сакате да се легитимирате – вели Симовски.
Според него, тие што имаат против некој попишувач треба да се обратат до комисијата во пописниот реон и тие ќе пратат инструктор што ќе ја заврши работата.
Директорот на ДЗС уште еднаш ги потсети граѓаните дека треба да внимаваат додека попишувачот ги внесува податоците.
– Граѓаните треба и пожелно е да гледаат што внесува попишувачот за да се има доверба во целиот процес. Попишувачите имаат повеќе системи на контрола и сигурно нема да направат некаква манипулација, но граѓаните секако треба да си ги проверат податоците – нагласува Симовски.
Интернет-страницата повторно хакирана
Минатиот викенд надлежните искажаа големо задоволство од текот на пописот и попишаните над милион граѓани, но веќе следниот ден интернет-страницата на ДЗС повторно е недостапна.
Граѓаните што во текот на вчерашниот ден сакаа да проверат за бројот на попишани лица не беа во можност да го сторат тоа, бидејќи страницата не се отвораше.
– Имаме константни проблеми со хакерски напади – потврди директорот на ДЗС Апостол Симовски, притоа додавајќи дека тоа е проблем со кој се соочуваат секој ден.